Одржана петтата Академија за малцински права во Албанија

Во организација на албанската група за човекови права, во Москополе, кај албанскиот рад Корча вчера е одржана петтата по ред Академија за малцинските права, објавуваат денеска албанските весници.

– На Академијата учествуваа преставници на сите етнички заедници кои живеат во Албанија: Македонците, Грците, Власите, Ромите, Бошњаците и Еѓипјаните. Оправдано отсутни беа само Србите и Црногорците кои досега учествуваа на претходние четири организирани академии, изјави за МИА, Васил Стерјовски, претставник на македонската етничка заедница.

Според него, присуствувале и амбасадори, министри од албанската влада, комесарот за заштита од дискриминација, претставници од повеќе албански институции и меѓународни експерти за човековите права.

Секој од претставниците на етничките заедници зборувал за положбата и правата на својата етничка заедница во Албанија. За положбата и правата на Македонската етничка заедница пред присутните зборувал Стерјовски.

– Кажав дека Македонците како малцинство се признаваат само во областа Мала Преспа и оти статус на малцинство треба да добијат во Гора, Голо Брдо и на целата териорија на Албанија, да се овозможи образование на мајчин македонски јазик, застапеност во државната и јавна администрација, програмски појас на државната телевизија. Секако го спомнав и несогласувањето на Македонците со новата терторијална поделба, а посебно ја нагласив потребата од итно донесување на Закон за малцинства, вели Стерјовски.

Тој додава дека Албанската група за човекови права е најзначајна невладина организација во Албанија во областа на човековите права. Таа е основач и на Академијата за малцинствата, која што се одржува секоја година, со поддршка на странските амбасади и други донатори.