Одржана 15-та седница на Координативното тело на градоначалници

Денеска се одржа петнаесетата седница на Координативното тело на градоначалници на Скопје, на којашто се дискутираше на неколку теми, меѓу кои данокот на имот, процесот на подготовка на регулациони планови и друго.

Градоначалникот Трајановски се осврна на процесот на спроведување на дератизација на територијата на Град Скопје.

– Спроведувањето на дератизацијата на територијата на Град Скопје е надлежност на општините, додека Градот Скопје е надлежен за спроведување на десинсекција. Оваа година Градот Скопје ќе ја превзеде обврската за координација на дератизацијата во Скопје, поточно да го координира процесот со цел истиот да започне во ист период во целиот град, со што ќе се максимизира ефектот од оваа активност. Координативното тело на градоначалници донесе заклучок сите оние општини кои ги немаат започнато тендерските постапки за избор на изведувач на дератизацијата, истите да ги започнат веднаш и истите да завршат најдоцна до 15 април, изјави градоначалникот Трајановски.

Координативното тело расправаше и за процесот за наплата на данокот на имот, каде стручните служби информираа за процесот на изработката на решенијата за данок на имот за 2015 година. Како што информираа истите, нивната изработка е во завршна фаза, по што ќе започне и процесот на нивна дистибуција.