Одржана првата работилница од областа на телекомуникациите на ФЕИТ

Институтот за телекомуникации при Факултетот за електротехника и информациски технологии, денеска, ја организираше Првата работилница од областа на телекомуникациите „FutureComNet 2014“  на која се развива дискусии околу телекомникациските предизвици.

Организирањето на оваа работилница, според претседателот на Организацискиот одбор, професор Лилјана Гавриловска, претставува иницијатива од водечката академска институција во областа на телекомуникациите во земјава да воспостави постојан контакт со сите релевантни фактори од областа.

Prva rabotilnica za telekomunikacii

„Оваа работилница ги спои академијата, индустријата, телеком операторите, компаниите и регулаторните тела во нашата држава и во соседните земји и овозможи платформа за дискусија и размена на идеи и формирање на стратегии во врска со најновите телекомуникациски предизвици, како што се идните пристапни технологии, работењето “во облак”, управувањето со големи количини податоци и развојот кон следната генерација мобилни системи 5G“, вели Гавриловска.

Идејата е овој собир да прерасне во барометар на развојот на телекомуникациите што ќе ги следи збиднувањата на хоризонтот, но и ќе ги анализира актуелните прашања, рече претседателката на Организацискиот одбор.

Модераторот на панелот, професорот Борислав Поповски изрази загриженост за влијанието на новите технологии врз екосистемот.

„Денес сме сведоци на драматични промени во телекомуникациите, кога новите технологии предизвикуваат нарушување на традиционалниот екосистем. Телеком операторите настојуваат да се адаптираат од вертикално интегриран модел, каде еден оператор кој ја поседува мрежата овозможува и услуги на говор, Интернет и телевизија, во нова околина каде се е податок и каде содржините, видеото, музиката не се поврзани со мрежата. Во такви услови се очекува ОТТ сервисите (Over-Тhe-Тop) да доживеат експлозивен развој, кога голем дел од содржините ќе се добиваат директно од провајдерите на содржини, во интерактивна околина и во време, место и тип на екран (телевизор, мобилен уред, таблет) по избор на корисникот“, рече Поповски.

Rabotilnica za telekomunikacii

Свое излагање на панелот одржа и професорот Мислав Гргиќ, декан на Факултетот за електротехника и компјутерство од Загреб. Тој одржа предавање со наслов „Триаголник на знаењето – интеракција меќу образованието, истражувањето и иновацијата„.

„ Го потенцирав триаоголникот на знаењето кој ги поврзува образованието, истражувањето и иновациите. Сето тоа, преку пример на нашиот факултет, кој со години успешно ги развива и поврзува овие три сегменти и со ова синергиско дејствување има позитивно влијание во средината“, објасни Гргиќ.

„АЕК, на оваа работилница, се јавува во улога на креатор на државната политика со цел да се развива пазарот на електронски комуникации, со посебен акцент на следните генерации пристапни мрежи и оптика и 4G мобилните мрежи“, вели Синиша Апостоловски, советник за телекомуникации во Агеницјата за електронски комникации. Според неговото мислење овој настан претставува спој на претставниците на индустријата, едукативниот систем и на креаторите на државната политика.

На работилницата се одржаа неколку пленарни предавања на еминентни предавачи и експерти од академијата и стопанството, како и постер / демо сесија за презентација на работата и достигнувањата на членовите на Институтот за телекомуникации и запознавање со инфраструктурата на Институтот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.