Одржана третата ролеријада во Скопје

Детскиот културен центар – Карпош од Скопје и Град Скопје, годинава по трет пат ја организираа „Ролер трка 2014 “, наречена  „Возиме кон иднината“.

На ролеријадата во чест на Европската недела на мобилност, учествуваа 530 деца од 21 основно училиште од Скопје и околината, а првите три места  ги освоија: Антонио Гилев од ОУ „Ј.Џ. Песталоци“, Стефан Стојанов од ОУ „Круме Кепески“ и Амар Мамути од ОУ „25 Мај“.

rolerki1

Организаторите од ДКЦ „Карпош“ истакнаа дека, со мислата во здраво тело-здрав дух, сакаат да ги анимираат најмладите кои ќе ги засакаат ролерите и ќе го развијат духот на масовна дружба. Со унапредувањето на ролер спортот, градот Скопје ќе се збогати со уште една масовна манифестација, којашто има тенденција да прерасне во традиционална, а од година во година и се помасовна. Во манифестацијата „Возиме кон иднината“, минатата година учествуваа околу 400 учесници, што укажува на зголемување на бројката на учесници од година во година.

rolerki2

Стартната позиција беше на булеварот „Илинденска“, од пред фонтаната „Лотосов цвет“ кај Градскиот парк, а учесниците во ролеријадата се движеа до клучката на булеварот „Илинденска“ со улицата„Никола Тесла“ (кај дирекцијата на ЈП Паркови и зеленило). Целта на оваа рекреативна масовна акција е развивање на спортскиот дух на нашите најмлади, како и создавање навики за спортување.