Одржано Генерално собрание на Асоцијацијата на балкански комори (АБК) во Атина

Стопанската комора на Македонија во 2015 година во рамките на својата прослава по повод Денот на Комората – 18 Февруари, ќе го одржи следното генерално собрание со Асоцијацијата на балканските комори.

Како што соопштуваат од Стопанската комора на Македонија, првото собрание за 2015 година ќе се одржи на 18 февруари, заедно со одбележувањето на Денот на Комората, додека второто генерално собрание на АБК ќе се одржи кон крајот на 2015 година.

– На одржувањето на првото генерално собрание во февруари, на 17 февруари 2015 година, на генералното собрание ќе му претходи и одржување на голема конференција за јавните набавки, на која ќе учествуваат сите претседатели на коморите-членки на АБК, а со поддршка на АВК ЦЕФТА-Проектот, потпомогнат од Унијата на трговско-индустриските комори на Германија, информираат од Стопанска комора.

Инаку, на 8-ми ноември 2014 година во Атина се одржа Генерално собрание на АБК каде што Унијата на трговско-индустриските комори на Грција и` го предаде претседателството на Стопанската комора на Македонија за 2015 година.

Од Стопанска комора на Македонија информираат дека на Генералното собрание на АБК во Атина, на коешто учествуваа сите претседатели од коморите-членки на АБК, се разговараше за повеќе теми, меѓу кои за можностите за развојот на Балканот каде се потенцираше дека тоа е можно и преку користење на ЕУ-структурните фондови, чии средства треба да бидат наменети за компаниите од баланските земји кои меѓусебно треба да се поврзуваат и заеднички да настапуваат. Претседателите на коморите-членки на АБК на Генералното собрание разговараа за можноста за олеснување на протокот на стоки и услуги долж коридорите 8 и 10 и во таа насока беа усвоени и повеќе заклучоци и мерки.

– На Генералното Собрание на АБК беше усвоен заклучок да се формира конзорциум со седиште во Стопанската Комора на Македонија кој ќе делува како меѓународно тело, составено од претставници на министерствата за транспорт, царинските управи и стопанските комори. Заклучоците од собранието на АБК сите комори-членки на асоцијацијата од балканските комори од земјите кои се дел од коридорите 8 и 10 ќе ги достават до своите надлежни институции и заеднички ќе делуваат во создавање на побрз проток на стоки и услуги долж коридорите 8 и 10 и со тоа ќе делуваатна подобрување на бизнис-климата, стои во соопштението од Стопанска комора.

На Генералното собрание на АБК, на 7 ноемви 2014 година во Атина му претходеше еднодневен собир на коморите и други институции од земјите-членки на ЦЕФТА и земјите-членки на  Медитеранската транснационална програма  МЕД, на којшто  се говореше за можноста за заедничко учество на земјите од Западен Балкан во ЕУ-проектите.

Асоцијацијата на балканските комори (АБК) е основана во 1994 година во Романија, со цел за создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот. Членки на АБК покрај Стопанската комора на Македонија се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно-трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија и Унијата на трговски комори и стоковни берзи на Турција.