Од контролен центар кај Неготино ќе се следи сообраќајот на Демир Капија – Смоквица

Одвивањето на сообраќајот на делницата  Демир Капија – Смоквица од новиот автопат ќе биде набљудувано од контролен центар кај Неготино, во кој веќе се вработени седумнаесетмина.

Сообраќајот на споменатата делница ќе се набљудува преку 68-те камери кои веќе се поставени на тунелите. По налог на надлежните институции, снимките од видео надзорот би можеле да се користат и во судски постапки.

Овој центар во содејство со полицијата и противпожарната бригада ќе може да носи одлука за евентуално затворање на сообраќајот на оваа делница. Притоа ќе се мери количеството на издувните гасови од возилата, брзината на движењето и фреквенцијата на сообраќајот по автопатот.

Центарот, исто така, ќе ја контролира целата делнца од Велес до Богородица, а засега ќе се контролира само новиот дел.

Центарот има можности и за воспоставување радио-врска со автомобилите кои се на оддалеченост од километар пред или после тунелот, па така возачите кои слушаат радио ќе може да добијат аудио порака доколку има некакво предупредување за сообраќајка, затворање на патот…

Ваков контролен пункт наскоро ќе биде поставен и кај скопски Петровец, од каде што ќе се набљудува сообраќајот од Табановце до Велес.