„ODW ELEKTRIK“ интервјуира кандидати за вработување во Охрид

На крајот од месец август или на почетокот од септември германската компанија која произведува електрични инсталации за најпознатите автомобилски брендови Мерцедес, Порше, БМВ и Фолсваген ,“ODW ELEKTRIK“ почнува со своето производство во Охрид.

По тој повод денес градоначалникот Никола Бакрачески имаше работна средба со еден од сопствениците и дел од менаџерскиот тим на компанијата. На средбата се разговараше за финалните  подготовки  и за евентуалната помош односно олеснувањето кое Општина Охрид ќе и го даде на оваа позната германска фирма.

„Навремено ќе биде изработена и планската документација  за проширување на објектот за што сте во план. Остануваме на ветеното дека ќе ја олесниме соработката со Средното стручно училиште ОЕМУЦ “СВ. Наум Охридски“, за извршување пракса и едуцирање кадар за потребите на вашата компанија. Стоиме и на  располагање за изведување на инфраструктурните работи околу изградба на објектот кој ќе го градите, рече Бакрачески.

На самиот  почетокот, во фирмата ќе бидат вработени 30 лица. За таа цел претставниците на менаџерскиот тим на германската компанија веќе спровеле интервју на потенцијалните кандидати за вработување. Прво вработените, ќе бидат испратени на работна обука од 2 до 4 недели во фабриката на „ODW ELEKTRIK“ во Украина, и тие ќе бидат идните едукатори за наредните вработени лица.

Според најавите  ODW  ELEKTRIK најпрвин ќе работи во постоечкиот објект во Охрид, а потоа ќе започне со градба на нов објект во слободната економска зона, лоцирана во близина на аеродромот „Св. Апостол Павле“  каде се планира да се  вработат  околу 1.000 лица.