Македонија

Одзатнат фекалниот колектор во Центар

Одзатнат фекалниот колектор во Центар

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ го отстранија дефектот на фекалниот колектор на булеварот Кочо Рацин во близина на Црвениот крст. При тоа интензивно работеа повеќе од два дена, каде што покрај ангажирањето на целокупните расположливи човечки ресурси, ангажирана беше градежна механизација, вакум, цистерни и друга опрема за отпушување, како и едно возило на Противпожарната бригада на Град Скопје.

Покрај активностите на оваа локација, екипите на ЈП „Водовод и канализација” претходно извршија отпушување на истиот колектор во непосредна близина на Порта Македонија.

Со тоа се овозможи проток на фекалните отпадни води односно се овозможи нормално функционирање на канализациониот систем.

При отпушување беа извадени каблови од операторите и друг неразградлив материјал кој доведе до запушување на самиот колектор. Овие кабли се поставени пред повеќе од 10 години.

Во овој момент екипи од ЕВН Македонија работат на дислокација на четири кабли кои се под висок напон, по што веднаш ќе следи санирање на самиот фекален колектор, на дупките на двете локации и нивно доведување во првобитна состојба.

Причината за запушување на самиот колектор се поставените кабли од страна на операторите кои заедно со неразградливиот отпад (влажни марамчиња, влошки и тн.)  кој граѓаните го фрлаат во своите веце школки, претставуваат проблем поради кој не може отпадните води да бидат одведени, односно доведува до нефункционирање на самиот канализационен систем.

Градот Скопје апелира до жителите на Скопје да не фрлаат ѓубре и други материјали во атмосферскиот и фекалниот канализационен систем, како и внимателно поставување на нови инсталации од страна на операторите со цел избегнување на вакви дефекти и непријатности во иднина.