Македонија

Одземени 10 тони нелегално произведен тутун во Могила и Кукуречани

Одземени 10 тони нелегално произведен тутун во Могила и Кукуречани

Од 24 производители во Могила и Кукуречани денеска се одземени десет тони нелегално произведен тутун. Тие не ја почитувале забраната за производство што им ја изрече Државниот инспекторат за земјоделство.

– Законите важат еднакво за сите и никој нема да биде поштеден доколку не ги почитува. Таква е определбата на оваа Влада, нагласи попладнево на прес-конференција директорот на Инспекторатот, Румен Стаменов.

Тој, како што рече, е фрапиран од опозициската СДСМ која ја злоупотребува акцијата на Инспекторатот и зборува за некаков „пат на тутунот“.

– Ваквите акции, заради својот карактер никогаш не биле најавувани јавно, но се спроведуваат во континуитет. Така беше и со овој конкретен случај, но и со многу други исти или слични претходно. Државниот инспекторат го прашува СДСМ дали во иднина сака да им ја најавува секоја акција која е во тек за да може да го информира своето членство и луѓето блиски до нив, потенцира Стаменов.

Државниот инспекторат за земјоделство со акцијата почна на 1-ви овој месец откако на 25 август годинава ЈП Стрежево побара документација за површини тутун кои се наводнуваат. По направената идентификација на површините, од 5-ти сепември почнаа и  контролите на терен.

– Од 5 до 15 септември во атарот на селата Могила и Кукуречани извршивме неколку контроли. Констатирано е дека има нелегално производство на широколисен тутун на околу 60 хектари за кој не се склучени договори со откупни претрпијатија. Нелегално производство беше пронајдено кај 24 физички лица, на кои согласно Законот за тутун им е изречена казна во висина од 600 евра и им се издадени решенија за забрана на производство и пласман на овој тип на тутун, информира Стаменов.

Инспекторите на 17 септември повторно извршиле контрола  и констатирале дека од 24-те лица, 12 не се придржувале на решенијата за забрана за производство и пласман, поради што им ќе им биде изречена казна од 1.500 евра.