Оер: Ја поддржуваме работата и имаме целосна доверба во ДИК

Значајно е да им се пренесе на македонските граѓани дека тие се слободен судија, дека може слободно да ја изразат својата волја и дека треба да учествуваат на изборите. Тие се закажани за 5 јуни, меѓународната заедница се организира за тој датум и во однос на роковникот кој беше зацртан со Пржинскиот договор, изјави денеска француската амбасадорка Лоренс Оер на прес-конференцијата за манифестацијата „Вкусот на Франција“, пренесува „Курир“.

Јас нема што да коментирам околу тоа што го кажа мојата колешка од Германија. Таа повеќе говореше за праведни услови со цел да се изведат изборите, а помалку говореше за датумот, одговори Оер на прашањето каков е нејзиниот став за одржувањето на изборите затоа што амбасадорката на Германија Кристине Д. Алтхаузер вчера кажа дека „никој не знае дали изборите ќе се одржат на 5 јуни“.

Во врска со шпекулациите околу бројката на спорни гласачи добиена по вкрстувањето на податоците од списоците на различни институции, Оер рече дека не може да коментира број и ја нагласи поддршката за ДИК.

Не можам да коментирам бројка која настанала во меѓувреме. Би сакала да ја истакнам нашата полна доверба и поддршка на ДИК, со цел да се дојде до резултат кој ќе биде неспорен. Методологијата која беше воспоставена од Државната изборна комисија е доста комплексна. Претседателот на ДИК ни ја презентираше методологијата и ние сосема ја поддржуваме. Се поставува проблем на рок односно прашањето на време во однос на вкрстувањето на листите. Бројот е многу голем за да бидат изведени теренски проверки кои би требало да следуваат, истакна Оер.

На новинарско прашање да ја коментира одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување, Оер одговори дека одлуките на Уставниот суд не треба да бидат предмет на некаков спор и дека треба да бидат беспрекорни.

Одлуката што ја презема Уставниот суд и пред тоа и после тоа предизвика огромно недоразбирање и бран протести. Сето тоа доведува до заклучок дека граѓаните можеби ќе немаат доверба во своите институции и токму од тие причини сите одлуки што ќе ги преземат институциите, а особено Уставниот суд кој е врвен чувар на Уставот на Македонија, мора да бидат беспрекорни за граѓаните да имаат целосна доверба, знаејќи притоа дека сме на неколку недели од одржувањето на изборите. Одлуките не треба да бидат предмет на некаков спор, тие треба да бидат беспрекорни, изјави амбасадорката на Франција во Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.