вторник, 28 март 2017  |  Вести денес: 0

Официјална програма на првиот пролетен турнир од Вардар Јуниор лигата

fkvardar

Последни вести

По шесте успешно организирани турнири минатата есен, в недела со почеток од 10 часот на стадионот во Аеродром (веднаш до Спортскиот центар Јане Сандански), ќе стартува првиот турнир од пролетната полусезона во Вардар Јуниор лигата.

Како што веќе најавивме во претходните објави, претстојнава пролет во нашата Јуниор лига ќе се натпреваруваат вкупно 11 екипи, со генерациите на момчиња родени од 2003 до 2006 година. Екипите ќе бидат поделени во две групи, источна и западна, во зависност од местоположбата на градовите од кои доаѓаат. Предвидено е да бидат одиграни пет кола, при што секој тим ќе има можност да биде домаќин на еден од турнирите.

Во јуни ќе биде организиран и летен камп, во рамките на кој ќе се одржи и завршниот турнир. На крајот од сезоната ќе бидат прогласени најдобрите екипи во секоја од возрасните конкуренции и ќе бидат доделени индивидуални награди за најдобрите стрелци, играчи, признанија за фер-плеј и слично.

Покрај младинските екипи во соодветните возрасни категории на ФК Вардар, на првиот пролетен турнир ќе учествуваат и десетте регионални единици од Скопје и останатите градови ширум целата татковина.

Први ќе настапат момчињата родени во 2003, односно 2005 година, а потоа силите на теренот ќе ги одмерат и генерациите 2004, односно 2006. Предвидено е да бидат одиграни вкупно 12 натпревари и во продолжение може да го погледнете деталниот натпреварувачки распоред:

Генерација 2003 година (времетраење на натпреварите 2 Х 20 минути):

  • 10:00 часот: Ново Лисиче, Скопје – Еуроспорт-Вардар, Куманово
  • 10:50 часот: Слога 1934-Вардар, Виница – Мал Ајакс-Вардар, Штип
  • 11:40 часот: ФК Вардар – ФК Прилеп
  • 12:30 часот: ФК Вардар – Еврофудбал-Вардар, Охрид
  • 13:20 часот: Борец Јуниор, Велес- Рудар Јуниор, Пробиштип (2004 генерација)

Генерација 2005 година (времетраење на натпреварите 2 Х 15 минути):

  • 10:00 часот: Форца-Вардар, Скопје – Борец Јуниор, Велес
  • 10:40 часот: Ново Лисиче, Скопје – ФК Прилеп
  • 11:20 часот: Мал Ајакс-Вардар, Штип – Еврофудбал-Вардар, Охрид
  • 13:00 часот: Спортефе-Вардар, Скопје – ФК Вардар

Генерација 2006 година (времетраење на натпреварите 2 Х 15 минути):

  • 13:40 часот: Спортефе-Вардар, Скопје – Ново Лисиче, Скопје
  • 14:20 часот: Борец Јуниор, Велес – Форца-Вардар, Скопје
  • 15:00 часот: Рудар Јуниор, Пробиштип – Еуроспорт-Вардар, Куманово

Точно напладне, околу 12 часот, на дечињата од регионалните единици ќе им бидат поделени неопходните спортски реквизити за непречено одвивање на тренажниот процес, како топки, маркери, чуњеви, сталки и друго. Дел од целиот настан ќе биде и организацијата „Отворени Забавни Фудбалски Школи“, која со своите содржини од забавен карактер, ќе им овозможи на децата заедно да другаруваат и да стекнат нови пријателства.

Исто така, за тренерите од младинските школи на ФК Вардар и регионалните единици, ќе биде организирана и стручна работилница, која ќе се одржи во конференциската сала на С.Ц. „Јане Сандански“. Преку нивниното учество и размената на продуктивни предлози и идеаи, ќе биде изработена унифицирана програма за работа со дечињата кои тренираат во фудбалските школи, под капата на ФК Вардар.

Најчитани вести