Официјално почна со работа Парламентарниот институт во Собранието

Во Собранието на Република Македонија денеска официјално почна со работа Парламентарниот институт. Почнувањето со работа на Парламентарниот институт го означија претседателот на Собранието Трајко Вељановски и амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Република Македонија Стефани Лазарото.

Замислата е преку овој проект за Собранието, односно за пратениците, работните тела, советите, пратеничките групи, како и за потребите на вработените во Собранието, да се обезбедат објективни општи и компаративни анализи, анализи на закони, како и пристап до модерна и соодветно систематизирана истражувачка библиотека, истакна Вељаноски.

Парламентарниот институт во законски рамки е утврден со Законот за Собранието на Република Македонија, а неговата реализација и функционалност се дел од одредниците на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Меморандумот за разбирање меѓу Собранието на Република Македонија и Швајцарскиот Федерален совет во врска со проектот „Поддршка на основањето и развојот на Парламентарниот институт“ е потпишан на 17 мај 2010 година.

Тимот на Парламентарниот институт е составен од 25 државни службеници со соодветно образование, обучени и подготвени да одговорат на барањата на пратениците и потребите за изработка на анализи и истражувања.

Секој пратеник, како што појасни Вељаноски, од новиот парламентарен состав, во веќе утврдена постапка, ќе може во писмена или електронска форма да поднесе барање за изработка на кратка информација, тематски, компаративни, статистички или хронолошки прегледи за одредени прашања и области кои се од доменот на негов интерес.

– Посветивме голем анганжман на проекти кои ги реализиравме заедно со партнери и донатори, проекти кои овозможуваат и зајакнување на капацитетот, но и отворање на законодавниот дом кон јавноста и граѓаните. Дел од овие проекти се секако и „Мојот пратеник“ и „Канцеларии за контакт со граѓаните“. Секој од овие проекти се отпочнува, како што споменав со некој од партнерите, но секогаш се настојува по извесен период проектот да остане во самостојна и целосна реализација на Собранието, рече првиот парламентарец.

Амбасадорот Лазарото изрази задоволство што по 5,5 години се заокружува проектот за Парламентарниот институт, посочувајќи на задачите што тој ќе ги извршува.

– До крајот на годината Швајцарија со 4,5 милиони франци ќе придонесе за Парламентарниот институт, изјави Лазарото.

Вељаноски и Лазарото, како и со другите гости меѓу кои и амбасадорот на САД Пол Волерс и други амбасадори, пратеници, претставници на Националниот демократски институт го посетија и разгледаа просторот на Парламентарниот институт и на кратко се запознаа со работата и активностите на истиот.

Парламентарниот институт е посебна организациона единица во рамки на Службата на Собранието на Република Македонија, чија мисија е зајакнување на законодавната и надзораната улога на Собранието.

Неговата цел е утврдена во член 42 од Законот за Собранието, кој регулира дека Парламентарниот институт претставува истражувачки центар кој на пратениците им обезбедува навремени, објективни и независни и стручни истражувања и анализи за извршување на пратеничката функција.

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.