Официјално започна претседателската кампања во Русија

Во понеделникот официјално започна кампањата за претседателските избори во Русија коишто ќе се одржат на 18-ти март и на коишто повторно неприкосновен фаворит е актуелниот претседател Владимир Путин, кој речиси две децении нема вистински противкандидат кој и сега би му се испречил на патот да го освои и четвртиот мандат.

Почетокот на кампањата официјално го одбележа објавувањето на одлуката на Советот на Федерацијата (горниот дом на парламентот) во службениот весник Росискаја Газета во којашто е објавен распоредот за одржувањето на изборите.

Владимир Путин кој влезе во Кремљ во 2000 година, минатата седмица на големата традиционална конференција за новинарите ја објави својата кандидатура за четвртиот мандат. Како што прогнозираа и на претходните претседателски избори западните медиуми, Путин на чело на Русија ќе остане до 2024 година. Што значи речиси четвртина век, заедно со премиерскиот мандат, откако беше избран за наследник на Борис Елцин, и со тоа би станал руски претседател со најдолго владеење, доколку се исклучи владеењето на советскиот диктатор Јосиф Висарионович Сталин.

Путин минатиот четврток објави дека се кандидира како независен кандидат, а не како кандидат не неговата владејачка партија Единствена Русија, сметајќи на широката поддршка на граѓаните. Според последните анкети, Путин има поддршка од над 80 отсто од граѓаните, па се очекува уште една негова убедлива победа.

„Одбројувањето започна“, изјави во понеделникот Ела Памфилов на состанокот на Централната изборна комисија со којашто претседава. Како што додаде 67 партии може да кандидираат свој претставник ан претседателските избори. Во петокот изјави дека досега 23 личности „изразиле желба да учествуваат“ на изборите.

Владимир Путин, кој за волја на вистината, нема сериозен противкандидат, добива најмалку 74 отсто од гласовите на избирачите, а ниеден негови противкандидат не добива повеќе од 10 отсто, покажува анкетата не независниот институт Левада објавена минатата среда.

Неговиот главен противник, Алексеј Навални кој има широка поддршка на Западот вклучително и преку медиумите и преку невладините организации, најверојатно нема да може да се кандидира поради неколкуте судски пресуди, во прв ред поради проневерување на јавни пари во неколку скандали, за што тој тврди дека се монтирани.

Путин на споменатата средба со новинарите минатиот четврток се бранеше од нападите дека сака да ја отстрани целосно опозицијата, велејќи дека сака „конкурентен“ политички систем, а потоа слабостите на своите противници го образложи со успехот на својата економска политика и во услови на тригодишни западни санкции и им порача на гласачите да им изнесуваат реални предлози.

„Рускиот политички систем мора да биде компетитивен, но опозицијата нема силен противкандидат бидејќи само многу викаат, а многу малку нешта му нудат на народот“, рече Путин.

Меѓутоа, најголем проблем за Путин ќе претставува како да ги мобилизира гласачите, бидејќи според анкетата само 28 отсто од испитаниците рекле дека ќе излезат на изборите на 18-ти март, наведува Левада. Како и на минатите избори, ова се толкува со тоа што многумина го гледаат актуелниот претседател како неспорен победник.

Путин има две можности да ја надмине оваа ситуација, пишува во понеделникот дневниот весник Ведомости: да го поддржи слабиот одѕив потпирајќи се на избирачите кои се доследно наклонети на владејачката партија или да се обиде да мобилизира поголем дел од електоратот, што исто така, според весникот, не претставува голем предизвик и ризик за него.

Изборите ќе ги обезбедуваат речиси милиони припадници на безбедносните сили соопшти Памфилова. Русија на овие избори ќе потроши 253 милиони евра, додаде, ветувајќи финансиски транспарентна кампања.

Западните медиуми забележуваат дека денот на изборите – 18-ти март, се совпаѓа со четиригодишнината од потпишувањето на одлуката за присоединување на црноморскиот полуостров Крим кон Руската Федерација. Неколку дена претходно руското и рускојазичното мнозинство на Крим на референдум со големо мнозинство изгласа враќање на автономијата којашто му ја укинаа властите на Украина во 1990-те и присоединување кон Русија, што за Западот претставува нелегална руска анексија на украинска територија. Сепак, во последниот период и повеќе западни челници признаваат дека се мали шансите овој полуостров кој во ерата на Советскиот сојуз во времето на украинскиот советски лидер Никита Хрушчов бил административно придодаден на Украина, да се врати во нејзиниот состав.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.