Оглас за распределба на социјални станови во Прилеп и Демир Хисар

Министерството за транспорт и врски по електронски пат ќе распредели социјални станови во Прилеп и Демир Хисар на граѓани од социјално најранливите категории.

Станува збор за вкупно сто и еден социјален стан. За 76 станови во Прилеп и 25 во Демир Хисар ќе може да аплицираат граѓани од седум категории до 16. следниот месец во меѓуопштинските центри за социјална работа.

Предност при распределбата на становите ќе имаат станбено необезбедени лица од категоријата деца без родители и родителска грижа, лица над 18 години кои до 18-тата година биле згрижени во институции или други облици за згрижување на деца без родители. Ќе може да аплицираат и корисници на социјална и постојана парична помош, лица погодени од елементарни природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни живеалишта, инвалидни лица и лица на кои им е потребна грижа од друго лица и семејство во инвалидизирано лице, припадници на социјално загрозена ромска заедница, како и самохрани родители со малолетни деца и слепи лица корисници на социјална помош.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска апелира да се аплицира само за една од седумте категории и укажа дека во спротивно поднесените барања ќе бидат отфрлени. Услов за аплицирање е лицата да имаат македонско државјанство, да бидат со постојано место на живеење во општината каде е изграден станот и да немаат сопствен стан.

– Социјалните станови ќе се распределуваат во транспарентна постапка преку електронска распределба согласно методологија за бодирање на кандидати за добивање социјален стан под закуп, рече Мисајловски.

Огласот со критериумите и условите е достапен на веб страницата на Министерството за транспорт и врски. Лицата кои не се во можност сами да ја пополнат апликацијата ќе можат да побараат помош од меѓуопштинските центри за социјална работа.

Надоместот што ќе се плаќа за закуп на социјалните станови според директорот на ЈП за Станбен и деловен простор Цветко Грозданов е симболичен, а вкупниот износ ќе зависи од големината на станот.

– Цената се движи од 400 до 1.000 денари во зависност од квадратурата на станот што ќе го добијат, рече Грозданов.

Со владиниот проект за изградба на станови за социјално ранливи категории граѓани од планираните 32 згради со 1.741 стан во 26 града досега се изградени 13 згради со 660 станбени единици. Преку проектот за изградба на станови за лица во социјален ризик, најави Мисајловски, во наредниот период ќе се изградат уште 541 стан во Скопје, Кочани,  Гостивар, Македонски Брод и во Тетово. Изградбата на планираните станови е веќе почната во Кочани и во Македонски Брод, а во текот на месецов ќе биде поставен камен темелник за зграда со социјални станови во Гостивар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.