Македонија

Огласи за закуп на земјоделско земјиште до и над три хектари

Огласи за закуп на земјоделско земјиште до и над три хектари

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство денес објави два јавни повика за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до и над 3 хектари.

Повиците се однесуваат за повеќе региони и тоа Берово, Битола, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Крива Паланка, Кратово, Крушево, Куманово, Македонски Брод, Неготино, Охрид, Свети Николе, Струга, Струмица, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Тетово, Штип, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир.

– Максималната површина за која може да аплицира еден понудувач е три хектари. Доколку предмет на понудата е земјоделско земјиште на кое се подигнати долгогодишни насади истите треба да се со старост најмалку од три години. Закупот е во траење од 15 до 70 години во зависност од активноста и од земјоделската култура која ќе се одгледува, информира МЗШВ.

Право на учество имаа физички лица и домашни и странски правни лица. Физичките лица треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност или запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства или да се трговец поединец на кои земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи да им е претежна дејност.

Изборот на најповолен понудувач ќе се врши врз основа на оддалеченоста на местото на живеење, понудената годишна закупнина по хектар и правниот статус на понудувачот. Најнискиот износ на годишна закупнина по хектар кој можат да се понуди е во износ на просечна годишна закупнина во регионот за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп постигната во последните три години.

За огласот за површини над 3 хектари, покрај другите документи понудувачите треба да достават геодетски елаборат и банкарска гаранција за учество во постапката.

Понудите треба да се достават во рок од 30 дена од денот на објавувањето на јавниот повик во дневните весници.

Дополнителни информации понудувачите може да добијат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на телефонот 02/313-44-77 или на веб страницата на Министерството www.mzsv.gov.mk.