Ограбена обложувалница и обид за грабеж во менувачница

грабеж

Две разбојништва вчеравечер се случиле на две локации во Скопје. Според полицискиот дневен билтен, ограбена е обложувалница и извршен е неуспешен обид за грабеж во менувачница.

Околу 18 часот непознат маскиран сторител извршил разбојништво во спортска обложувалница во скопската населба Топанско Поле. Како што информира МВР, сторителот заканувајќи се со пиштол од вработениот одзел 73.000 денари по што побегнал во непознат правец.

Во 18.20 часот, пак, непознат маскиран сторител извршил разбојништво во обид во менувачница на улицата „Московска“ во Скопје.

Со закана со пиштол од вработениот побарал пари, но овој успеал да го вклучи безбедносниот аларм, по што маскираниот разбојник се откажал од намерата и побегнал.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителите на двете разбојништва и за целосно расчистување на случаите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.