Кривична за прилепчанец што ограбувал таксисти во Скопје

Кривична пријава е поднесена против 28- годишниот Т.М. од Прилеп. Тој се товари дека во период од 11 месеци, односно од март до декември годинава сторил четири кривични дела „разбојништво“ и едно кривично дело „тешка кражба на особено дрзок начин“, а најчеста мета му биле таксистите.

Имено, Т.М., кој досега не е кривично пријавуван, во периодот од  крајот на месец март до 17 – ти овој месец сторил четири кривични дела „разбојништво“ во кои објект на напад му биле таксисти со кои се возел на релација населба Гази Баба-Бутел-Радишани, при што откако ќе бил донесен до посочената адреса,  со закани по животот и сигурноста на таксистите (во два случаи со употреба на нож, во еден случај со употреба на огнено оружје и во еден случај со употреба на физичка сила во што му помогнале две засега непознати машки лица) се стекнал со противправна имотна корист од околу 11.000 денари.

Пријавениот со нож им се заканувал на таксистите што го превезувале
Пријавениот со нож им се заканувал на таксистите што го превезувале

Кривичното дело „тешка кражба на особено дрзок начин“ го извршил на 17-ти овој месец, исто така над таксист, на тој начин што побарал такси превоз од хотел лоциран на бул. „Партизански одреди“ до казино на Бит Пазар и кога стигнале на Бит Пазар пријавениот побарал од таксистот да му позајми 900 денари и да го причека пред казиното по што ќе продолжи со превозот. За кусо време се вратил и побарал да продолжат кон населба Автокоманда и побарал уште 2.100 денари, со ветување дека кога ќе го однесе на посочената адреса ќе му врати 50 евра.

Кога стигнале на ул. „Ташко Караџа“, Т.М. излегол од возилото и се упатил кон еден од влезовите на зградата, по што таксистот се посомневал дека ќе биде измамен и тргнал по него. Во моментот кога пријавениот го видел таксистот, почнал да му се заканува дека ќе извади нож и ќе го прободе и се дал во бегство, при што бил стигнат од таксистот, но Т.М. со употреба на физичка сила (удар со рака во пределот навратот) го совладал, кој од ударот паднал на земја.

Пријавениот се сокрил во една од околните згради, а нападнатиот таксист телефонски го пријавил случајот во Центарот за информирање и команда на СВР Скопје, по што за кратко време пристигнале полициски службеници од единцата АЛФА, кои го пронашле и лишиле од слобода Т.М.