Ќе се гради ограда и кај преминот Меџитлија

Македонските власти започнале со градење на уште една ограда, на преминот Меџитлија на границата со Грција, по онаа кај Гевгелија, во желбата подобро да го контролира мигрантскиот бран, изјавил за AFP во средата неименуван воен извор, но засега нема официјални потврди за оваа информација, пренесува Макфакс.

Ќе подигнеме ограда и во областа на преминот Меџитлија. Тој дел од границата е порозен и сакаме да ги спречиме илегалните влегувања, рекол соговорникот на агенцијата без да прецизира колку ќе биде долга и висока оградата.

Инаку од 19-ти ноември македонските власти почнаа да ги филтрираат бегалците од економските мигранти. Во моментов се пропуштаат само оние коишто доаѓаат од земјите коишто се зафатени со војни, како Сирија и Ирак.

Судири на грчко-македонската граница
Судири на грчко-македонската граница

По ваквата одлука на границата во делот кај Гевгелија се случија неколку инциденти. Кон крајот ноември беше довршена оградата од бодликава жица на граничната кон Грција кај Гевгелија, во должина од три километра, а висока два ипол метра.

Грција од вчера започна со превезувањето на стотици економски имигранти од границата, кои со седмици се на грчко-македонската граница, кои го блокираат железничкиот сообраќај, бидејќи властите не ги пуштаат на македонска територија.

Имигрантите со автобуси беа префрлени до Атина и сместени во бегалски центри пред да бидат вратени во нивните земји. Повеќе за ова на следниот линк.