Огромен интерес за „Купи куќа за млади“- Владата со нови поволности

Нови поволности за успешна реализација на проектот „Купи куќа за млади“. Државата финансиски ќе ги поддржува општините да го реализираат проектот, со тоа што ќе ги понесе трошоците за изградба на пат, водовод и канализација. Идејата за овој потег е на иницијатива на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, анализира ЛИДЕР.

„Ако се обезбедат 100 локации за куќи или повеќе, предлагаме Владата да обезбеди поддршка и тоа преку Програмата за рурален развој да се покријат 100 проценти од трошоците за пристапен пат, канализација и за водовод. Второ, во урбаните средини до 20 илјади жители сметаме дека поддршката од државата треба да изнесува до 90 проценти, а 10 проценти да ги обезбеди општината со цел да се изгради улица, канализација и водовод. За градови од 20 до 40 илјади жители поддршката да изнесува 80 проценти, а за над 40 илјади жители, поддршката да изнесува 75 проценти“ – вели првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Од средствата што државата ќе ги обезбеди за трошоците за водовод, канализација и за изградба на пристапен пат до локациите ќе се минусираат средствата добиени од комуналии и од продажбата на градежно земјиште кои ги добива општината. Градоначалниците сметаат дека со поддршката од централната власт, проектот „Купи куќа за млади“ непречено ќе се реализира.

„Ова се одлични мерки да се помогне во делот на финансиите, ако се обезбедат деталните планови од Министерството за транспорт и врски за слободното земјиште мислам дека целата операција ќе биде брзо реализирана и успешна“ – вели градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски.

Огромен интерес за „Купи куќа за млади“

На почетокот на проектот „Купи куќа за млади“ има огромен интерес од граѓаните. Канцеларијата во Министерството за финансии дневно ја посетуваат и повеќе од 50 граѓани, кои се информираат за условите и за начинот на учество.

„Дојдов да се распрашам за проектот и да видам кои се условите. Имам 26 години и планирам да изградам куќа на сопствено земјиште“ – вели Славиша Митовски, кој беше еден од првите посетители во Канцеларијата.

Државата на заинтересираните граѓани им стави на располагање и готови, бесплатни проекти за куќа, со што се заштедува и на архитект. Досега повеќе од 9 илјади граѓани ги симнале плановите од Министерството за транспорт за 6 типски куќи со различна квадратура, од 60, 80, 100,120, 150 и 180 квадратни метри.

„Со овој проект ќе се даде голема поддршка за младите луѓе во Република Македонија за решавање на едно од клучните прашања во животот, а тоа е стекнување на сопствен дом, што претставува основа за натамошно формирање на семејство и напредок во животот. Сметаме дека за проектот ќе има голем интерес. Првичните контакти со граѓаните укажуваат дека интересот на младите луѓе е голем“ – вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Како функционира проектот?

„Купи куќа за млади“ е чекор напред во однос на постојниот проект „Купи куќа, купи стан“, бидејќи условите се значително подобрени. Заинтересираните можат да добијат повисок износ на субвенции, но и да бидат поддржани на подолг рок, со цел да добијат кредит за купување, изградба, надградба или доградба на куќа. На маса се две опции. Преку првиот модел, државата ја субвенционира ратата во период од 11 години. Во првите 8 години, поддршката изнесува 80 проценти од месечната рата, а во следните 3 години државата ќе покрие половина од ратата (главница + камата). Максималниот износ за кредитот е 50 илјади евра.

tabela kredit

„Ако месечната рата за кредитот изнесува 200 евра, првите 8 години 160 евра од месечната рата ќе плаќа Владата, а само 40 евра ќе плаќа граѓанинот. Деветтата, десеттата и единаесеттата година, месечната рата ќе се плаќа по половина, односно 100 евра Владата и 100 евра граѓанинот“ – објаснува Ставрески.

Каматата во првите три години изнесува 3,95 проценти (како и во проектот „Купи куќа, купи стан“), во четвртата и во петтата година каматната стапка изнесува 4,44 проценти, а потоа банката ја утврдува каматната стапка, но таа не смее да биде повисока од каматните стапки на редовните станбени кредити.

Вториот модел од проектот е наменет за луѓето кои немаат пари за учество, но со своите приходи можат да ја покријат месечната рата.

tabkredit

Во овој случај, државата целосно ќе го покрие учеството за станбениот кредит (25% од кредитот). Тоа значи дека за 50 илјади евра, поддршката изнесува 12.500 евра. За овој модел,  каматната стапка е фиксна, 6-месечен ЕУРИБОР + 4,5 проценти на годишно ниво и тоа за цело времетраење на отплатата на кредитот.  Се заштедува од 2 до 3 илјади евра со повластени каматни стапки.

Кредитот треба да се земе на период од најмалку 20 години, со можност за отплата по 12-та година. Додека трае државната помош, куќата не се смее да се оттуѓува, а услов е лицето да нема подигнато друг станбен кредит.

Услов е апликантот да биде на возраст до 35 години (важи и за луѓе со полни 35 години), да свое име да нема друг стан или куќа (во брачна заедница ова важи за двајцата брачни другари). За поединец, максималните месечни приходи треба да бидат помали од 900 евра, а горната граница за брачна двојка е 1.300 евра.

Во проектот се вклучени 8 банки: НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка – Скопје, Стопанска банка – Битола, Шпаркасе, Охридска, ТТК, Алфа банка и Прокредит банка.