Огромна казна за „Standard and Poor’s“ поради финансиски манипулиции

Меѓународната агенција за кредитен рејтинг „Standard and Poor’s“ се согласила да плати фантастични 1,37 милијарди долари казна на американските власти, јавува „Франс Прес“, пренесува Нетпрес.

Обвинението е дека агенцијата им претставила лажни информации на инвеститори за квалитетот на високоризичните хипотекарни кредити, кои беа изворот на финансиската криза во 2008 и во 2009 година во САД.

Повикувајќи се на сопствени информирани извори, АФП објавува дека се очекува идната недела да бидат обелоденети условите за спогодбата меѓу „Standard and Poor’s“ и американските власти. Агенцијата се согласила на спогодба со цел да избегне судски процес и за да стави крај на процедурите кои почнале против неа уште во 2013 година.

Првичните неофицијални информации велат дека „Standard and Poor’s“ немало да биде прогласена за виновна, а од своја страна агенцијата јавно ќе признае дека имала „пропусти“ во својата работа.

Американските власти во февруари, 2013 година, покренале случај против „Standard and Poor’s“, обвинувајќи ја меѓународната агенција за кредитен рејтинг дека ги преценила високоризчните хипотекарни кредити, кои доведоа до уривање на финансискиот систем во 2008 и 2009 година.