Охрид: Авто кампот „Андон Дуков“ ќе прерасне во елитна населба

Руинираниот авто камп „Андон Дуков“ во Охрид ќе прерасне во елитна населба. На местото од распаднатите стари камп приколки ќе се градат ексклузивни резиденцијални туристички објекти, објави Канал 5.

Како што соопштува телевизијата, првичниот план бил да се изградат објекти за здравствен туризам, но после  инспекцијата на општинските и државните власти на сите кампови вдолж брегот на Охридското езеро се донела одлука за изградба на резиденцијална населба.

– Дел до земјиштето е приватизрано, сметавме дека ќе биде тешко изводливо во таа зона државата да превзема активности односно градот да превзема акривности во кои можат да се реализираат некои големи зафати од типот на здравствен туризам и хотелско угостителски објекти кои што би биле од локално или државно значење за кои што ние во иднина би нашле инвеститори,  изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Инаку се планира ексклузивните резиденцијални објекти да се градат на провршина од триесетина хектари, со што  атрактивната локација ќе добие современ лик. Засега за изградбата има интерес и е покрената постапката за урбанизирање на тој простор од 30 хектари, во тек е постапката пред Министерството за земјиоделство од каде се чека пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно.

Авто кампот „Андон Дуков“  е оставен на забот на времето. Поголем дел од камп приколките се уништени, а распаднат е и објекот  на некогашниот хотел „Меркур“.