Македонија

Охрид доби терен за фудбал со вештачка трева

Охрид доби терен за фудбал со вештачка трева

Во рамки на одбележувањето на празникот „Свети Климент Охридски“ – патронот на Охрид на свечен начин денеска во Спортско-рекреативниот центар „Билјанини извори“ во употреба беше предаден новоизградениот терен за фудбал на вештачка трева.

Како што беше истакнато на церемонијата, се очекува оваа вредна инвестиција да донесе позитивен пресврт во состојбите во спортот во Охрид, да создаде услови да изникнат нови генерации фудбалери кои ќе ја продолжат славата на охридските фудбалски легенди како Кире Заров, Војо Спасески, Ламбе Арнаудов, Владе Настески, Џевдет Шаиноски, Данчо Целески, Гоце Толески…

igralishte_2

Обраќајќи се пред присутните градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески истакна дека првото современо игралиште на вештачка трева во градот ќе отвори нови перспективи во развојот на спортот, но и нов тренд во развојот на спортскиот туризам во Охрид.

– Во денешно време е незамисливо да нудите подготовки на спортски екипи надвор од летна сезона, а да немате терен на вештачка трева, рече тој изразувајќи увереување дека новиот терен ќе ги стимулира младите, сите охриѓани кои сакаат да развиваат здрав натпреварувачки дух и да победуваат тоа да почнат од денеска и да го остваруваат.

igralishte_3

Данчо Целески, своевремено стандардниот првотимец на голот на македонската фудбалска репрезентација, смета дека во секој случај овој терен е инфрастуктурен објект што од одамна му беше потребен на Охрид, со уверување дека тој ќе донесе позитивна енергија во работењето и нагорен тренд во развојот на млади фудбалери.

Се надевам дека тука нема да се застане и дека Охрид ќе добие уште едно до две вакви игралишта, со што градот би ги добил сите предуслови за да се донесат и професионални екипи на подготовки, а Охрид повторно би заживеал како тренинг-центар за зимски и летни подготовки, за развој на млади фудбалери, центар за репрезентации итн, рече Целески.

Тој оцени дека новиот терен во целина со главниот терен на „Билјанини извори“ што е во одлична кондиција, со останатите помошни игралишта и спортската сала, заеднички со сместувачките капацитети на охридската ривиера, може да придонесе Охрид да се наметне како сериозен регионален центар за подготовки на спортисти.

Новиот терен за фудбал на вештачка трева со стандардни димензии за голем фудбал и според меѓународните спортски стандарди, е инвестиција реализирана со финансиска поддршка на локалната самоуправа и Фудбалската федерација на Македонија.