Охрид е во топ 10 најдобри туристички дестинации за 2017 година

охрид

Како што соопштија од Агенција за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија Охрид е дел од публикацијата Best in Travel 2017, принтана едиција, која претставува основа за љубителите на патувањето повеќе од 40 години.

-Респектираниот водич, кој е најсилен бренд во оваа индустрија, се издава еднаш годишно, потенцирајќи ги дестинациите кои ќе бидат „најжешки” во годината што следи. За сето ова да добие на кредибилност, секоја година интернационален тим на Lonely Planet составен од експерти за патување, автори, уредници и селектирана група од туристичката заедница препорачуваат топ 10 земји, топ 10 градови и топ 10 региони за годината, информираат од Агенцијата.

Во водичот е наведено дека во Охрид ќе ги видите старите жени облечени во црно како носат производи кон дома набавени од пазарот и разговараат со пријатели на древните улици, додека во позадина ѕвонат црковните ѕвона. Познатите цркви кои го одбележуваат стариот град и областите околку него феноменално сведочат за преживеаните. Света Софија е градба која датира од 11- ти век и во неа има фрески од Византиско време кои сеуште може да се видат во апсидата, додека Црквата Свети Јован на Канео е една од најфотографираните места на Балканот, со својата прекрасна силуета врамена во водата на Охридското езеро во позадина.

Охрид го доби петто место помеѓу градовоте Бордо кој е на првата позиција, втор е Кејп Таун Јужна Африка, трет Лос Анџелес од Калифорнија, Мерида од Мексико, шести е Пистоиа од Италија, потоа Сеул, Лисабон, Москва и Портланд.

– Покрај тоа што Охрид ќе го дознаат страствените љубители на туризмот кои се публика на овој бренд, ексклузивата доаѓа со тоа што оваа едиција е проследена со огромна медиумска кампања низ целиот свет. За оваа година, оваа масивна рекламна кампања што ќе ја добие Охрид, ќе биде збогатена со реклама на нови социјални алатки како InstaWalks, G+Hangouts on Air и Tweeter chats, а со тоа се предвидува да оствари медиумска кампања што според проценка на Lonely Planet би ја чинела Македонија повеќе од 6 милиони фунти, изјави директорката на Агенцијата Лела Крстевска.

Принтаната едиција ќе биде достапна во електронска форма на шестте интернационални интернет страни на Lonely Planet и преведена на сите јазици, вклучително и нејзина дистрибуција низ целиот свет.

Со прогласувањето на Охрид од страна на Lonely Planet за еден од најдобрите 10 градови во 2017-та година, Македонија доби неограничени можности за развој на брендот и креирање на лојалност на туристите преку децениското искуство на искусните патувачи на Lonely Planet, овојпат инспирирани од незаборавното искуство во Охрид, Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.