Охрид го бара споменикот на Цар Самоил, се чека ревизијата

Општинските власти на Охрид сакаат дел од спомениците од „Скопје 2014“, а коишо се на некој начин поврзани со градот да бидат префлени таму, со иницијативата наводно е запознаен премиерот Зоран Заев, а се чека исходот од ревизијата на комисијата за споменатиот проект.

Градоначалникот Јован Стојановски вели дека за почеток бараат да биде дислоциран споменикот на Цар Самоил, за кој вели дека местото му е во Охрид. Но ќе почекаат да заврши целата ревизија на проектот која ја води комисија во рамките на Министерството за култура.

„Нашиот став е дека местото на Цар Самоил е во Охрид и затоа имаме намера во понатамошниот дел, до завршувањето на ревизијата, да побараме тој споменик да биде дислоциран во Охрид. Да почекаме и очекуваме во скоро време позитивен исход“, рече Стојановски.

Стојановски вели дека досега имале разговори и со премиерот и со Министерството за култура по однос на ова прашање. Вели дека размислуваат и за можна локација каде споменикот би бил поставен.

Неодамна и од здружението Богојавление од Охрид испратиле барање до локалната самоуправа да се заложи споменикот на Христо Узунов кој исто така е дел од проектот „Скопје 2014“ да биде донесен во Охрид.