Охрид и австралискиот град Квинбиен ќе соработуваат

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и градоначалникот на австралискиот град Квинбиен, Тим Оверал денеска потпишаа спогодба за воспоставување односи на пријателство и соработка помеѓу двата града.

Документот се очекува да придонесе за унапредување на заемното разбирање и пријателство помеѓу граѓаните, зајакнување на соработката помеѓу двете општини, постигнување просперитет и развој на општините и придонес кон развојот на севкупните односи помеѓу Република Македонија и Австралија.

Во Спогодбата стои дека градот Охрид и Квинбиен формално воспоставуваат односи на пријателство и соработка. Размената на соработката помеѓу двата града ќе се води во согласност со принципите содржани во сите документи издадени или потпишани помеѓу Република Македонија и Австралија.

Инаку, спогодбата предвидеува воспоставување соработка на двата града во областа на економијата, трговијата, туризмот, културата, уметноста, образованието, науката, технологијата, спортот и други области од взаемен интерес. Ќе преземаат активности за унапредување на размената и соработката, заемно ќе се поддржуваат и активно ќе учествуваат во значајните активности во другиот град. Претставниците на двата града ќе се среќаваат во време кое што заеднички ќе го договорат со цел да преговараат за програмите за размена и соработка.

Во градот Квинбиен се наоѓа една од најбројните македонски етнички заедници во Австралија.