Охрид ќе добие атрактивно шеталиште од Студенчишта до хотел Парк

На охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески приоритет му се инфраструктурните капитални проекти кои се од корист за сите граѓани. Во интервјуто за „Курир“, тој открива кои се идните планирани проекти со кои Охрид ќе добие нов лик.

-Она што е особено интересно за охриѓани и за гостите кои имаат намера во иднина да го посетат Охрид е завршувањето на техничката спецификација и објавата на тендерската постапка за иградба на атрактивно и современо шеталиште на потегот од каналот Студенчишта до хотелот Парк. Патека која ќе биде со широчина од 12 метри ќе вклучува еден централен појас кој ќе биде уреден со зеленило. Ќе има две странични пешачки патеки кои ќе бидат со ширина од околу 3 метри и на страна ќе има една патека за велосипеди и една за ролери. Заедно вклопено со современото осветлување кое ќе биде комбинација со високи рефлектори и традиционални фенери ќе овозможи една убава слика на градот и нешто ново. Во таа насока можам да кажам дека општина Охрид во моментов работи на реализација на неколку капитални инфраструктурни проекти. Овој момент е распишан тендер за изградба на затворен зелен пазар што ќе ги обезбедува сите потребни хигиенски и санитарно епидемиолошки услови за изложување на храна со мал шопинг центар. При крај е објавувањето на тендерската постапка за подобрување и надградба на системот за јавно осветлување во Охрид, што ќе подразбира замена на старите светилки со нови штедливи и зголемување на нивниот број. Ја изработивме комплетната документација за изградба на меѓуградска автобуска станица, она што Охрид одамна требаше да го има. Заедно со Министерството за транспорт и врски ќе распишеме тендер за изградба на градска марина која ќе се гради по пат на јавно приватно партнерство и која претставува инфраструктурен објект кој е многу неопходен за збогатување на содржините во делот на рекреативната понуда, бидејќи има околу 1.000 регистрирани пловни објекти за кои треба да се најде соодветно решение за нивно адекватно сместување.

Туристичката сезона веќе одмина. На нова локација со поглед кон мирното езеро и старата градска архитектура која го привлекува секој турист, Бакрачески откри дека е задоволен од бројот на туристи кои го посетиле Охрид, додавајќи дека во август е забележана рекордна посетеност.

-Според статистичките податоци со кои во овој момент располагаме до месец јуни во Охрид престојувале околу 22.000 домашни туристи и 43.000 странки гости или околу над 65.000 гости кои оствариле околу 147.000 ноќевања, што е за 2,5 проценти повеќе споредено со истиот период минатата година. Нашиот инспекторат ги обработил податоците со месец јули и реализирани се околу 82.000 ноќевања од страна на домашни гости и 159.000 ноќевања од странски гости или вкупно 241.624 ноќевања. Она што би сакал во овој момент да го истакнам е дека она што во месец јуни-јули беше испуштено заради неповолните временски услови, беше надоместено во август и имавме рекорден број на посетители, како домашни така и странски споредено со изминатите неколку години. Сето тоа создаде една слика на комплетно исполнети сместувачки капацитети, како во хотелскиот смештај, така и кај приватните станоиздавачи од мал обем.

Она што сакам посебно да го истакнам е дека најголем дел од странските гости кои доаѓаат во Охрид се од земјите на БЕНЕЛУКС и Турција, меѓутоа ги има и од скандинавските земји и од Германија, Канада, Кина од соседните земји.  Гостите кои доаѓаат од земјите на БЕНЕЛУКС и Турција се оние кои добиваат субвенции од страна на Владата во делот на пакет аранжманите, а голем дел од нив доаѓаат со чартер четови кои оваа година во одредени моменти достигнуваа и до 15неделно. Она што радува посебно е дека прв пат оваа година големите туроператори ги закупија поголемите охридски хотели за цели 6 месеци, почнувајќи од крајот на април па се до средината на октомври. Сметам дека трендот на раст на бројот на странски гости ќе продолжи од година во година ќе биде се поголем багодарение на субвенциите од Владата.

Изминатата година успеавме да реализираме и неколку презентации на Охрид во странски држави, една од нив беше пред Советот на министрите на Европа во Стразбург каде имавме успешна презентација во фоајето. Истото имаме намера да го направиме и во Европскиот парламент во Брисел.

Локалната економија зазема високо место во програмата за работа на општината, па токму затоа се работи на привлекување на странски инвестиции и креирање на нови работни места. Една инвестиција реализирана, следната во најава.

-Развојот на локалната економија зазема високо место на нашата програма за работа и сметаме дека е од круцијално значење не само за локален економски раст, туку и за воопшто подигнување на стандардот на населението во Охрид  преку креирање на нови работни места.

За таа цел неодамна веќе во Охрид се реализира една странска инвестиција, се работи за германскиот гигант ОДВ Електрик кој што произведува делови за автомобилската индустрија. вработени се 25 охриѓани и до крајот на годината таа бројка ќе достигне околу 100. Нивните развојни планови се такви што тие веќе со изградбата на инфраструктурата во технолошко индустриската развојна зона ќе почнат веднаш со изградба на сопствен погон кој за 4 години ќе вработува околу 1.000 луѓе. Тоа е еден дел од она што ние здно со Владата успеавме да го реализираме. Ние во овој дел ја привршуваме со изработка урбанистичко планската документација за развојната зона кај локалитетот Мауцхер, по што ќе следува постапка за продажба на локациите. Она што радува во овој момент е податокот дека голем дел на локални компнаии кои имаат свое произвдоство во Охрид покажаа интерес да градат стопански капацитети на оваа локација и се интересираат до каде е овој процес. За прв пат се случува во Охрид после долги години пропаѓање на охридското стопанство, се појавуваат компании кои имаат можности за развој и желба за градење на свои капацитети.

Во преговори е Владата за влез на уште еден странски инвеститор кој ќе произведува делови за автомобилската индустрија, кој набрзо би требало да биде објавена оваа инвестиција, а се водат разговори и околу натамшната судбина на ЕМО Охрид и во овој момент има две странски компании кои пројавија интерес за откуп и рестартирање на производството со што ќе се создадат услови за нови вработувања и за раст на локалната економија.