Охрид ќе добие лизгалиште на мраз

Започна монтажата на лизгалиштето на мраз што ќе биде поставено на Градскиот плоштад во Охрид, како дополнителна атракција за престојните Новогодишни и Божикни празници.

Според информациите од општинскиот Сектор за локален економски развој, лизгалиштето има за цел да се анимираат граѓаните на Охрид почесто да го посетуваат Градскиот плоштад, како забава за сите генерации.

„Самото лизгалиште ќе биде на површина од 350 метри квадратни, а за заинтересираните ќе биде обезбедена и опрема. За време на зимскиот одмор за учениците ќе се организираат и бесплатни часови“, изјави раководителот на секторот за локален економски развој, Ѓоко Апостолов.

Лизгалиштето е отстапено на користење од австриска фирма, како резултат на претходно остварени контакти со охридската локална самоуправа, а на Градскиот плоштад ќе се користи до крајот на месец јануари, односно додека тоа го овозможуваат временските услови.

Монтирањето на лизгалиштето се очекува да заврши кон крајот на неделата по што се очекува да биде ставено во употреба.