Охрид ќе добие современ Дом за стари лица

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и претставници на градежната компанија АД „Илинден“ од Струга денеска потпишаа договор за купопродажба на градежно земјиште, парцела во охридската населба „Далјан“ на која ќе се гради современ Дом за стари лица.

Станува збор за градежна парцела со вкупна површина од 8.425 метри квадратни, која на јавното наддавање достигна цена од 1.532 денари од метар квадратен. АД „Илинден“ за градежната парцела исплати 12.907.100 денари, средства од кои 80 проценти остануваат во буџетот на Општина Охрид додека преостанатите 20 проценти се за ресорното Министерство за транспорт и врски.

– Станува збор за капителен проект што години наназад претставуваше насушна потреба на граѓаните на Охрид…Несомнено новиот објект ќе ги пресретне очекувањата на сите граѓани на Охрид, пред се на постарата популација, а во насока на подобрување на квалитетот на живеење на лицата кои ќе ги користат услугите на Домот за стари лица, истакна Бакрачески после потпишувањето на купопродажниот договор.

Одбраниот понудувач, согласно одредбите од Договорот за купопродажба, е обврзан во рок од две до четири години да го изгради предвидениот Дом за стари лица. Објектот е предвидено да има приземје, четири ката и поткровје.

Претставниците на АД „Илинден“ и на општинските служби најавија дека максимално ќе се ангажираат за во најкус можен рок да се обезбеди сета потребна документација за што поскоро реализирање на проектот за изградба на Дом за стари лица во Охрид

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.