Охрид подготвен за утрешниот Богојавленски водосвет

Во Охрид се е подготвено за утрешното одбележување на верскиот празник Богојавление – Водици, уникатна религиска традиција по која е препознатлив градот.

Тоа денеска го истакна градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, притоа повикувајќи ги сите граѓани на Охрид и Македонија, верниците да бидат дел од најстарата и најавтентичната црковно-народна манифестација и со своето приусуство да бидат своевидни продолжувачи на охридската традиција.

За прославувањето на Богојавление – Водици во Охрид се очекува да пристигнат голем број верници и гости од земјата и од странство, пред се од соседните држави. Најавено е и присуство на претставници на дипломатскиот кор во земјата меѓу кои и евроамбасадорот Самоел Жбогар, како и градоначалници и делегации од збратимените градови на Охрид.

Во насока на омасовување на празнувањата и привлекување што поголем број гости во градот се и активностите на охридските угостители и туристички работници кои за 15 до 50 проценти ги намалија цените на услугите што ги нудат.

Инаку, богојавленските празнувања во Охрид почнаа синоќа со промоцијата на документарниот филм „Танц со пастрмките“ и изложбата на тематски подводни фотографии на охридскиот нуркач и инструктор Милутин Секуловски – Миќо.

Централната манифестација односно самиот Богојавленски водосвет почнува утре рано изутрина со утрени богослужби и божествена литургија во сите парохиски цркви на Дебарско-кичевската епархија. Потоа верниците масовно заедно со свештенството доаѓаат на Градското пристаниште каде ќе бидат осветени водите на Охридското Езеро, а за во 10 часот е предвидено и фрлањето на Чесниот крст.

Она што оваа година е малку поразлично од изминатите неколку години е екстремно ниската температурата на водата во езерото со некаде околу шест степени Целзиусови. За безбедноста на капачите ќе бидат ангажирани екипи на Службата за итна медицинска помош и на Општинската организација на Црвениот крст, кои што ќе вршат и превентивни здравствени прегледи за сите што планираат да влегуваат во вода.

Празнувањата на Богојавленскиот водосвет во Охрид традиционално продолжуваат и на 20 јануари со славењето на Свети Јован Крстител или во градот уште препознатлив како Денот на рибарите, како потсетување на традицијата на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на риболов. Во поново време на овој ден се одбележува почетокот на изловот на пастрмката за нејзино измолзување и вештачки мрест.

Манифестацијата оваа година ќе се одржува на локалитетот „Сараиште“, а целиот настан што е атракција за туристите што доаѓаат во Охрид, ќе биде збогатен со традиционалната подготовка на рибна чорба, пача, греана ракија и вино за посетителите, како и музичка програма за која оваа година ќе биде задолжен Ансамблот на староградска музика „Билјана-јуниор“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.