Охрид подготвен за Водици

Охрид е подготвен за Водици. Хотелите, кои и годинава понудија екстра попусти се потполно букирани, се бара место повеќе. Се очекува присуство на голем број амбасадори и делегации од земјава и странство, објави Канал 5.

Она што посебно не радува е тоа што најголем дел од резервациите се од домашни гости, но според најавите ќе имаме гости и од околните земји. Верувам дека Водици како бренд на Охрид ќе остане како нешто што го симболизира градот и  нешто што претставува традиција која од година во година е се поуспешна манифестација, вели Ѓоко Апостолов раководител на Секторот за туризам.

Во пресрет на големиот христијански празник нуркачите го исчистија дното на Охридското  езеро кај градското пристаниште.

Медицински тимови и нуркачи ќе се грижат за капачите

Поради најавите на екстремно ниските температури 10 медицински тимови и шест нуркачи ќе се грижат за капачите, кои не смеат да конзумираат алкохол и да се задржуваат подолго  во вода.

Осум степени Целзиусови што значи прилично ладна езерската вода и треба посебна претпазливост и внимание. Згора на тоа што  според најавите температурата на воздухот ќе биде ниска -15 степени што значи разликата на температурата вода воздух ќе биде преку 20 степени тоа значи  посебно исклучително внимание, истакна Сашо Точков претседател на Црвен крст Охрид.

Во празнувањето годинава посебен акцент ќе се стави на духовниот дел, но нема да изостанат и народните традиции. Бесплатна ракија, вино и пача која ја делат угостителите. Гости се очекува да има и следниот ден на 20 јануари, кога традиционално ќе се одбележи Денот на рибарите.