Охрид пред сезона преполн со туристи

Холанѓани, Данци, Австријци, Турци, Полјаци и Кинези се најбројните туристи во Охрид. И покрај препораките на некои земји да не се патува во Македонија, гостите не ги откажуваат предсезонските аранжмани, објави денес Канал 5.

Викендов пристигна вториот чартер лет од Амстердам,  а со него и новата група холанѓани.

Вродија со плод напорите на владата преку субвенции во туризмот да се продолжи туристичката сезона. Како никогаш досега на брегот на Охридското езеро има туристи од април до октомври.

-Со подобрувањето на туристичката инфраструктура  и збогатувањето на туристичкиот производ се надевам дека Охрид за брзо време ќе стане една од топ дестинациите на европскиот туристички пазар, вели Ѓоко Апостолов раководител на Секторот за туризам.

Со новите летови од охридскиот аеродром за Лондон и Базел  ова лето дополнително ќе  порасне бројот на странски гости.

-Очекуваме бројот на странски туристи во Охрид многукратно да се зголемува имајки во предвид  со новите авио линии кои што ги имаме како и за редовните линии кои неколку години наназад се сервисираат, додава Апостолов.

Охрид пред сезона е преполн со туристи. Странските тур оператори не ги откажуваат  резервации за Македонија. Минорни се откажувањата на индивидуални групи од Србија и Бугарија но,  има и нови резервации, тврдат за Канал 5 од хотелската асоцијација ХОТАМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.