Охрид се подготвува за Богојавление – Водици

Во знакот на христијанската вера и обичаи  денеска  започна украсувањето на централното градско подрачје и чаршијата по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици .

Годинава празничната програма ќе се реализира во пет дена. Во петок со почеток во 19:00 часот  концерт  ќе одржат Културно уметничките друштва: “Гердан“,“Илинден“, “Охриѓанка“, “Плетенка“, “Филиграни“ и “Отекс“.

Во сабота, точно напладне  во црквата Св. Никола- Геракомија е предавање на кумство на годинешните кумови Жељко Јоксимовиќ и Зоран Милески, а вечерта во 20 часот на градскиот плоштад концерт ќе одржи  Каролина Гочева.

Во недела во куќата на Уранија ќе биде доделена  светска награда за хуманизам  на господин Џон Ралстон Сол по што во 20 часот во Центар за култура “Григор Прличев” е  проекцијата  на документарен филм за Водици.

Централното случување е во понеделник 19 јануари кога  по  светите  архиерејски литургии во охридските цркви  во 10:00 часот е  осветувањето  на езерските води и фаќањето  на светиот крст.
Во 11:00 часот  на градскиот плоштад ќе   настапи   ансамблот  “Билјана Јуниор “а ќе се дели и вино,топла ракија,плашици и пача. Во 14:00 часот е  масовното  крштевање  кај месноста Сараиште.

На денот на рибарите во вторник точно напладне започнува  културно уметничката  програма со охридска старогратска музика. На малиот  плоштадот    ќе биде изложен  риболовен алат а  ќе се подготвува и два и  пол тона рибна  чорба. Капењето  на рибарите  и скокањето  по бурињата со вино е закажано за 14 часот со што се заокружува годинешната празнична програма.