Македонија

Охрид се подготвува за Водици, над 1000 верницi ќе скокнат по крстот

Охрид се подготвува за Водици, над 1000 верницi ќе скокнат по крстот

Македонскиот Ерусалим се подготвува за еден од најголемите празници и традиционалното чествување на Водици во водите на езерото.

Денеска започна пријавувањето на заинтересираните кои сакаат за празникот Богојавление – Водици во Охрид  да влезат во водите на Охридското Езеро и да го фатат светиот крст, пренесе Охрид прес.

На првиот ден од пријавувањето се пријавиле 30-тина кандидати, информира Митко Пендов од Здружението за афирмација и поддршка на МПЦ-ОА „Богојавление“.

„Сите заинтересирани кои сакаат да скокаат по светиот крст можат да се пријават во ресторанот „Света Софија“ во Охрид. Тие пополнуваат пријава и добиваат маица со црковни симболи, вели Пендов.

Според него, очекувањата се дека годинава во студените но осветени езерски води во Охрид ќе запливаат над 1.000 капачи.

„Засега имаме најавено една група од 20-тина луѓе од Битола кои сакаат да скокаат по крстот во Охрид. Најави пристигнаа и од десеттина кандидати од Скопје, потоа и од Прилеп, но заинтересирани има и од Бугарија и Чешка“, додава Пендов.

Тој посети дека истиот ден ќе има и масовно крштевање во езерските води.

На 20 јануари е денот на рибарите, кога се приготвува рибина чорба, а за гостите ќе се поделат 7000 оброци.

„Ќе има бесплатно вино и еден тон плашици. Охридските тајфи ќе свират староградски охридски песни. Околу 15 часот ќе биде и капењето со бурињата со вино. Ќе има изложба на риболовен алат, демонстрација на ловење на риба и фрлање на сачма“, вели Пендов.

Кум годинава за Водици е градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.