Македонија

Охрид – телекомуникациски центар на Балканот

Охрид – телекомуникациски центар на Балканот

Претставници од регулаторните тела на Македонија, Србија, Бугарија, Црна Гора, Финска, Турција, Хрватска, Романија, Кипар, Молдавија, Кралството Белгија, Албанија, Косово и останати држави од регионот и од Европа, како и на Меѓународната унија за телекомуникации и на Бордот на директори на Европското тело на регулатори за електронски комуникации учествуваат на третата по ред Меѓународна регулаторна конференција што во организација на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска  беше отворена во Охрид, објави МИА.

– Иднината, модерните технологии, новите трендови во телекомуникациите како област што најбрзо се развива, како и регионалната соработка се главните теми на расправа на овој собир, истакна директорот на АЕК Роберт Ордановски.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски во оваа прилика потсети на потпишаниот договор меѓу Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора што ќе стапи на сила на 30, а предвидува нови далеку пониски цени на роаминг-услугите.

–  Тоа многу ќе значи за граѓаните на Македонија, но особено за Охрид оттаму што туристите кои ќе доаѓаат тука на летување од наведените земји ќе плаќаат поевтин роаминг и ќе можат да користат и Интернет и да праќаат и СМС пораки и да ги користат останатите телекомуникациски услуги, рече Ивановски.

Тој изрази очекување дека на конференцијата ќе се дискутира и за проблематиката со комуникациските апликации како „Viber“, „Whatsupp“, „Skype“, што се под чадорот на телекомуникациите, а не се регулирани. Станува збор за апликации кои го земаат приходот на телекомуникацискиот сектор, а тоа е предмет на дискусија на светско ниво.

– Тие компании наплаќаат за услугите, а најчесто тоа што го наплаќаат не е на задоволителен квалитет. Тие практично го користат автопатот што го изградиле телекомуникациските компании и што повече корисници ги користат тие апликации, тоа бара дополнително одржување и надградување на тој автопат, рече Ивановски.

Инаку, според договореното поевтинување на роаминг-услугите меѓу корисниците од Македонија, БиХ, Србија и Црна Гора покрај намалување на цената на разговорите, предвидува и поевтини SMS-пораките и Интернет-сообраќајот. Намалувањето на цените за разговор изнесува 73 проценти, додека Интернет-сообраќајот се намалува за 90 проценти, од десет евра на 0,2 евра за мегабајт. SMS-пораките по новата цена чинат 5,6 денари од порака