Охридскиот чинар ќе биде прогласен за споменик на природата

Општина Охрид го направи првиот чекор за прогласување на чинарот за споменик на природата. Единаесет века стариот чинар во центарот на Охрид, кој според преданијата го засадил свети Климент Охридски, ќе биде ревитализиран и соодветно заштитен.

„Целта е низ валоризација на степенот на загрозеност на стеблото да се направи програма за негова заштита која ќе има за цел да се испита она што преходно е направено“, велат од друштвото за еколошки консалтинг кој го изготви елаборатот.

Заклучиле од испитувањата на дендрологот дека всушност и не била квалитетна заштита, затоа што во самото дрво се случуваат некои процеси на гниење. Предлагаат мерки за откривање на она што е како подлога сега направено и подготовка на нова подлога за заштита на дрвото.

Елаборатот содржи програма за одржување на чинарот и долгорочна заштита, за што од општинскиот буџет на годишно ниво треба да се издвојат околу 15.000 евра. Голем дел од парите ќе бидат искористени да се реставрира дрвото, да се изврши стабилизација на крошната, но и соодветно да се уреди просторот околу чинарот.

„Се воспостави дека всушност покрај чинарот има простори кои што се узурпирани,да не речам несоодветно урбанистички решени имаме предлози и за тие случувања околу чинарот и јас мислам дека се коректни и дека општина Охрид ќе ги прифати нашите предлози за во иднина соодветно да се управува со ова добро“, рече во саботата Менка Спировска.

Процедурата на прогласување на чинарот за споменик на природата започна со одлуката на советот, која сега ќе биде проследена до министерството за животна средина каде со акт ќе се изврши прогласувањето на споменик на природата. Во иднина слична постапка ќе има и за другите чинари во Охрид, како и на познатиот Кочеџик кај црквата „Св. Богородица Перивлепта“.

Овие стебла беа прогласени за природно наследство според стариот закон од 1973 година и потребно беше да се отпочне оваа нова постапка за нивно препрогласување,согласно постоечкиот Закон за заштита на природата.