„Охридско лето“ го прославува 54-тиот роденден

Повеќе од пет децении фестивалот „Охридско лето“ се етаблира како еден од најреспектабилните фестивали во светски рамки и најреномираната музичко-сценска манифестација во земјата. Фестивалот „Охридско лето“ претставува најголемиот репрезент на културата на Република Македонија, а Охрид веќе 54 години е една од најпознатите европски музички сцени.

Селекторката на музичката програма Гордана Јосифова-Неделковска најавувајќи го вечерашниот концерт на денешната прес-конференција по повод 54-от роденден на „Охридско лето“ ја искористи можноста да се заблагодари на сите поединци и институции кои децении наназад го дале најдоброто од себе за фестивалот да го достигне ова ниво, но и задолжение за сите останати, актуелниот тим на „Охридско лето“, за фестивалот и натаму да чекори единствено по патот на успехот.

За денот на роденденот на „Охридско лето“, 4 август, веќе традиција е да се организираат концерти на познати имиња од музиката, со програма што ќе го слави секое ново фестивалско издание.

– Години наназад фестивалот организира настани што се паметат на само во меморијата на фестивалската публика, туку и се запишани длабоко во страниците на историјата на фестивалот. Тоа се концерти наменети за пошироката публика, а целта е единствена – што поголем број посетители да присуствуваат на овие настани и заеднички да се прославува секој нов роденден, истакна таа.

Оваа година „Охридско лето“ роденденот ќе го слави со спектакуларен концерт на српскиот виолинист Немања Радуловиќ, заедно со францускиот гудачки квинтет „Ѓаволски трилери“ и пијанистката Лор Фавр-Кан.

– Мошне ми е драго што повторно сум тука со вас, овојпат особено задоволство што ќе настапуваме на Античкиот театар. Вчерашната проба на сцената на Антички толку не инспирира што едвај чекаме да излеземе и да се претставиме. За овој специјален настан, за роденденот на фестивалот, се собравме да се претставиме со програма што неодамна го снимивме во Берлин и Париз за нашето следно це-де, така што ова ќе биде и своевидна промоција на тој материјал, истакна Радуловиќ.

Минатата година тој беше дел од програмата на „Охридско лето“, но за разлика од лани кога настапуваше со изведба на класични дела, за ова роденденско издание тој ќе настапува со посебна програма, со кратки, избрани композиции на „АББА“, Пуњани, Крајслер, Шопен, Масне, Берио, Вивалди, Бизе, Паганини, Шостакович, Хачатурјан, Вилијамс, Кустурица, Монти.

Радуловиќ и неговите колеги воодушевени од градот Охрид, не го криеја задоволството што се тука. Како што рекоа самите тие, ја искористиле можноста покрај нивниот настап на „Охридско лето“, да ги поведат со себе своите семејства и неколку дена да минат на брегот на Охридското Езеро.

– Првпат сум во Македонија, во Охрид, можам да кажам само дека сум воодушевена. Овде е толку убаво, градот е прекрасен, оваа земја е толку прекрасна, запознав многу луѓе, тие се толку топли, пријатни. Имав можност да се искапам во езерото, тоа е момент за паметење. Секако ќе дојдам повторно, изјави за МИА француската пијанистка Лор Фавр-Кан.

извор: Нова Македонија

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.