Македонија

„Охридско лето“ ќе биде отворено со спектаклот „Кармина Бурана“

„Охридско лето“ ќе биде отворено со спектаклот „Кармина Бурана“

Педесет и петото издание на „Охридско лето“ ќе започне со изведба на едно од најмаркантните музички дела на 20. век, „Кармина Бурана“ на Карл Орф во изведба на познатиот шпански ансамбл Ла фура дел баус, кои во 1992. година ги отворија олимписките игри во Барселона.

Традиционално, „Охридско лето“ и годинава ќе понуди моќни изведби на врвни уметници и квалитетни театарски проекти, а сите претстави од драмската програма ќе се играат на отворено.

– Оваа година во програмата се вклучени екслузивни уметници,уметници кои што веќе одамна ги потврдиле своите вистински вредности на најпрестижните сцени во светот, вели музичкиот селектор Гордана Јосифова Неделковска.

Четириесетте фестивалски денови ќе ги одбележат настапите на харизматичниот виолончелист Александар Књажев,неповторливиот пијанист, Николај Лугански и еден од најголемите и најконтроверзни пијанисти, Иво Погорелиќ. Значаен е настапот и на најголемиот виолинст на денешницата Максим Венгер, како и на добитникот на оскар за драмско музичко дело, Луис Бакалов. Роденденски „Охридско лето“ ќе ја почасти публиката со настапот на атрактивниот американски  хор, „Ховел Госпел сингерс“. На фестивалот ќе биде промовиран инструментот наречен виола/оргули, правен по скица на Леонардо Да Винчи стара 500 години.

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески вчера беа дел од свеченоста по повод отворањето на новите простории на фестивалот „Охридско лето“.

Како што нагласи министерката од буџетот на Министерството за култура биле издвоени 1,6 милиони денари за уредувањето на новите работни простории на фестивалската дирекција.

leto

– Со реновирањето на овој простор, националната установа „Охридско лето“ добива комплетно нов и модерен простор со префинет дизајн, кој овозможува поблиска комуникација со сите пријатели, спонзори, помагатели, уметници, соработници и претставници на средствата за информирање кои мошне активно и посветено ги следат случувањата на фестивалот. Просторот кој денеска го промовираме е максимално професионално уреден и се надевам дека овие реновирани 200 метри квадартни ќе бидат катчето каде во текот на целата година ќе се раѓаат и ќе се развиваат многу нови идеи кои ќе придонесат за развојот на богатата фестивалска историја на „Охридско лето“, рече Канческа- Милевска.