„Охридско лето“: Со купување билет до поголем развој во културата

Нашата цел е да го зголемиме процентот на продажба на влезните билети. Со купување на билет за настаните на „Охридско лето“ се дава огромна поддршка на културата и развојот на културните вредности. Со вакви заложби и во иднина ќе се промовира уметноста и културниот туризам и надвор од државата. Само на тој начин ќе го продолжиме градењето на културниот просперитет на државата, изјави директорот на „Охридско лето“, Оливер Арсовски.

Од „Охридско лето“ информираат дека публиката сака квалитет, а за да се има светски познати уметници на сцена, како што се наведува, треба токму љубителите на уметноста да го испочитуваат нивниот настап.

– Нашата публика мора да почне да инвестира во сопствената култура. Мора да се има однос кон културата, се вели во соопштението од „Охридско лето“.
Од Фестивалот соопштија дека ваквата идеја е позитивно оценета од јавноста и оти досега никој не одбил да купи билет. Платиле и оние кои по традиција добивале гратиси меѓу кои имало и стопанственици, директори, политичари…Странските туристи пак по традиција си купувале билети. Веднаш по објавувањето на програмата за настапот на светски познатата Елина Гаранча, голем бил бројот на резервации од Србија, Хрватска, Грција, Франција, Турција, Белгија, Данска, Австралија.

20160710_170005

Гратисите ќе бидат достапни за децата без родители, самохрани мајки и лица со инвалидитет. Како што информираат од „Охридско лето“, за овие ранливи слоеви на населението, преку Црвениот крст-Охрид ќе се доделат 30 гратиси за концертот на Елина Гаранча, која утревечер ќе настапи на Античкиот театар. Таа ќе го отвори фестивалот заедно со диригентот Ион Марин од Австрија и Оркестарот на Македонската опера и балет.