Охриѓанец измамил 13 граѓани кои сакале да купат гробни места

Охридската полиција поднесе кривична пријава против лицето Н.С. (46) од Охрид, поради постоење основи за сомневање дека е сторител на кривични дела „проневера во службата“, „фалсификување службена исправа“, „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „комјутерска измама“.

Станува збор за службеник во охридското ЈП „Градски гробишта“ каде осомничениот во периодот од ноември 2011 до јануари 2013 година како надлежен за доделување и наплата на гробни места, измамил 13 граѓани кои сакале да купат гробни места.

Пријавениот со намера за себе да прибави противправна имотна корист, свесно противправно присвоил пари доверени во службата од наплата на гробни места од тринаесет граѓани во вкупен износ од 352.153 денари. На сите тринaесет лица кои купиле гробни места пријавениот Н.С. им изготвувал писмени договори за купување, а примероците кои им ги издавал на странките, ги заверил со лажни потписи во делот кој се заверува со потпис од страна на директорот на јавното претпријатие. За да не бидат откриени фалсификатите, примероците од спорните договори што требало да бидат предадени во службите на јавното претпријатие, биле уништени и ги нема ниту во сметководство на ова претпријатие, ниту во архивата од договорите.

Пријавениот Н.С. доведувајќи ги во заблуда, успеал да наведе неколку граѓани да купат гробно место, составувал писмена изјава за промена на носител на право на употреба на гробно место и во комјутерската евиденција на ЈП „Градски гробишта“ внесувал нови лица како старатели без да постои соодветен писмен договор или друг правен основ за стекнување со права на конкретното гробно место.

Тој примил пари во готово и со свој ракопис составил писмена потврда која заедно со примените пари никогаш не ги предал во службата. Парите за наведеното гробно место ги присвојувал и врз основа на лажна изјава вршел промена на податоците во комјутерскиот систем, го бришел старателот-сопственикот на конкретното гробно место и на негово место внесувал други лица-сопственици.