Македонија

Охриѓани се придружија кон Граѓанското движење за одбрана на Македонија

Охриѓани се придружија кон Граѓанското движење за одбрана на Македонија

Десеттина професори, лекари, актери, спортисти од Охрид денеска јавно дадоа поддршка на Граѓанското движење за одбрана на Македонија, повикувајќи ги сите граѓани да се стават во одбрана на татковината.

– Следејќи ги светлите примери на предците кои низ вековите несебично го давале животот за македонската кауза, повикуваме за будност и одбрана на татковината. Поединци, групи и партии понесени од алчноста за власт не бираат средства и начини и ги поткопуваат темелите на правната држава, истакна актерката Адријана Билаловиќ од Народниот театар во Охрид, изнесувајќи делови од Платформата на движењето, пренесува Курир.

Таа нагласи дека суверенитетот на Република Македонија произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, а власта во демократските држави се губи и добива на избори.

– Не смее да се дозволи ниту еден граѓанин, ниту еден наш човек да биде инструмент на било кој странски интерес. Силно и недвосмислено го осудуваме секој обид за дестабилизација на нашата татковина и сите замешателства на странски служби и интереси во нашите домашни работи, рече Билаловиќ, забележувајќи дека нема да се дозволи поделба на македонското национално ткиво по ниту една основа.

Граѓанското движење за одбрана на Македонија беше формирано минатата седмица од група интелектуалци, меѓу кои професорката Ачковска, писателот Димитров, актерот Љутков, синдикалниот лидер Дојчин Цветановски, лидерот на пензионери Драги Аргировски, музичарот Гиш, деканот на ФИНКИ Трајанов, глумците Тони Михајловски, Ванчо Петрушевски, Игор Стојчески и други јавни личности. Тогаш беше истакнато дека тие застануваат во одбраната на граѓанскиот интерес и жестоко се спротивставуваат на вмешувањето на странски служби во внатрешните работи на Република Македонија.