ОJO: Истрага за криумчари на мигранти по сообраќајката во Струмица

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција почна истрага по вчерашната сообраќајка во Струмица кога едно возило со 6 мигранти удрило во столб.

Обвинителите се сомневаат дека има елементи за сторени кривични дела криумчарење мигранти и тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Вчера во Струмица македонски  државјанин управувал со патничко возило, ја изгубил контролата на управување над возилото и излетал од патот удирајќи во столб од улично осветлување. Во возилото имале 6 мигранти, со што е утврдено сторено кривично дело криумчарење на мигранти за кое ОЈО веќе поведе постапка.
Во тек е преземањето на активности за утврдување на фактите во предметот, меѓу нив и вршење на распит на мигрантите – учесници во сообраќајна незгода, соопшти ОЈО.