ОJO почна истражна постапка против вешто лице

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно вешто лице со Лиценца за вршење на вештачења од областа на финансиското работење. На лицето му се става на товар дека сторило кривично дело – Примање поткуп од чл. 357 од Кривичниот законик.

Вештото лице побарало и примило поткуп во износ од 3000 евра со цел при вештачење да прикаже десеткратно помал износ на прикриен данок.

До судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 -Скопје надлежниот јавен обвинител поднесе Предлог за определување на мерка – Притвор. Судијата со Решение на лицето му определи мерки на претпазливост и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

На ваквата одлука Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе жалба.