ОЈО: Сите четворица убиени биле во крвно сродство, уште едно лице е повредено

Увидни екипи раководени од дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје вршат увид во куќа во Ѓорче Петров, каде што претпладнево биле пронајдени телата на две починати лица.

Веднаш по завршувањето на увидот, екипите ќе се упатат кон селото Глумово, каде што се пронајдени телата на уште две лица. Според првичните информации, двата настани се поврзани, а сите починати лица биле во крвно сродство.

Исто така, првичните сознанија на истрагата укажуваат дека меѓу починатите лица е и едно за кое постои сомнение дека ги лишило од живот останатите, пред да си го одземе животот.

Министерството за внатрешни работи претходно потврди дека во неделата околу 10 часот е извршено тројно убиство во скопско. Првото убиство е извршено во село Глумово, а второто во село Кондово. Тројното убиство е извршено со пиштол.

Сторителот на тројното убиство, како што објавија некои медиуми, е С.Ш. од село Глумово. Toj ги убил својот брат А.С., неговиот син, односно внук на убиецот М.С. и внукот на братот Ар.С. Потоа сторителот идентификуван како Ш.С. се самоубил откако одбил да и се предаде на полицијата.

Во настаните уште едно лице е повредено. Тоа е хоспитализирано и врз него е извршена хируршка интервенција.

Во меѓувреме, до увидот, локацијата во селото Глумово се обезбедува со полициски екипи.

Јавниот обвинител издаде наредби за прибирање на сите траги и материјални докази пронајдени на лице место, кои подоцна ќе бидат испратени на вештачење. Телата на починатите лица ќе бидат предадени на обдукција. Интензивно се работи на расветлување на настанот и утврдување на мотивите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.