OJO Скопје ја проширува истрагаа на уште пет лица за нападот врз Села

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти во понеделникот дека за уште пет лица ја проширува истрагата за нападот врз пратеникот и лидер на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, од 27-ми април годинава во текот на немирите при обидот на парламентарното мнозинство да го назначи Талат Џафери за спикер на парламентот.

„Во врска со постапката што се води во Основното јавно обвинителство Скопје за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април и нападот врз Зијадин Села, надлежен јавен обвинител донесе Наредба за проширување на истрага за уште 5 лица за сторено кривично дело Убиство во обид сторено во соизвршителство, од чл.123 во врска со чл. 19 и во врска со чл.22 од Кривичниот законик“, се наведува во соопштението.

Петте лица, по барање на надлежен јавен обвинител се лишени од слобода при вршење на претрес во нивните домови. Во текот на денот Обвинителството ќе презема дејствија за утврдување на факти и спрема останати лица.

На почетокот од мај полицијата ги уапси Кире Ѓорѓиевски и неговиот татко Цане, осомничени за нападот врз пратеникот Зијадин Села. Според полицијата, двајцата се осомничени за делото „учество во толпа која ќе изврши кривично дело“.

Според полициското соопштение, двајцата прво влегле во собраниската сала број 3 каде почнале да фрлаат со тешки предмети кон пратениците, по што следувал физичкиот напад врз пратеникот Зијадин Села. Него потоа го влечеле низ собраниските ходници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.