ОЈО Велес работи на откривање на причините за сообраќајната несреќа на туристичкиот автобус

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес синоќа извршил увид на лице место на автопатот Велес-Скопје каде што се случи тешка сообраќајна несреќа во која туристички автобус излета од патот и се преврте, известуваат во понеденикот од ова обвинителство.

Причините за несреќата се утврдуваат. По наредба на јавниот обвинител, од возачот на автобусот е земен примерок на крв за анализа и започна прибирање на трагите пронајдени на лице место.

Со оглед на тоа што синоќа временските услови и видливоста на теренот не дозволуваа ова целосно да биде завршено, локацијата се обезбедуваше во текот на ноќта, а утрово продолжи прибирањето на материјалните траги од внатрешноста на автобусот и се врши вонреден технички преглед на возилото.