Оклопни возила во Будимпешта го обезбедуваат божикниот саем

Оклопни возила на унгарската антитерористичка единица ТЕК во неделата вечерта заземаа позиции на божикниот саем во главниот град Будимпешта за да ги заштитат посетителите од евентуален терористички напад.

Државната телевизија емитуваше снимки на добро вооружени оклопни транспортери „БТР-80“ од руско производство во центарот на Будимпешта, со коментар на новинарот дека засега на туристите им послужуваат како добра заднина за правење селфи снимки.

Ризикот од терористички наопади во Будимпешта се смета за низок, иако минатите години имаше апсења на групи осомничени за подметнување помали експлозии и подготовка на напади. Опозицијата овој ангажман го смета за непотребна „демонстрација на сила“ од страна на премиерот Виктор Орбан.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека само сакаат граѓаните да се чувствуваат безбедно и сигурно.

Изминатите години масовните собири по повод празници, како во Ница, Берлин и Барселона, беа цели на радикализирани исламисти кои со возила влетуваа во толпите одземајќи десетици човечки животи, а според западните разузнавачки служби спречени се повеќе вакви планирани напади.