Oколу 1.500 бегалци спасени во источниот Егеј за три дена

Грчката крајбрежна стража денес соопшти дека вкупно 1.429 бегалци се спасени во 58 акции за барање и спасување, спроведени во источниот дел на Егејското Mоре во последните три дена.

Инцидентите се случиле во близина на островите Лезбос, Хиос, Самос, Агатониси, Кос, Сими и Родос.

Во меѓувреме, денес продолжува операцијата за пронаоѓање на исчезнатите бегалци по превртувањето на дрвен чамец во кој имало непознат број луѓе, во близина на островот Фармакониси. Во несреќата се удавија 34 луѓе, меѓу кои четири бебиња, 11 деца, 10 жени и девет мажи, додека 99 лица се спасени.

Единицита за подводни мисии денес ќе спроведе уште една акција за пронаоѓање бегалци кои можеби се уште се во вода.

Преживеаните од несреќата се наоѓаат на островот Лерос, додека телата на починатите ќе бидат пренесени на Родос со грчки воен брод. Потрагата продолжува поради тоа што преживеаните не биле во можност да потврдат колку луѓе имало на чамецот.

Политичка бомба од Берлин: Укинување на Шенген и гранични контроли

Утрово пристигна вистинска политичка бомба од Берлин:Укинување на Шенген и гранични контроли.

Од вчера на граничните премини во Германија се спроведуваат гранични контроли, а исто така во застој е и железничкиот сообраќај од Австрија кон Германија, пишува британски Гардијан.

Министерот за внатрешни работи на Германија Томас де Мазијере на вонредна коференција за медиуми објави дека Германија одлучила повторно да воведе гранични контроли.

Политичка бомба од Берлин: Укинување на Шенген и гранични контроли

Одредбите од Шенгенскиот договор за слободно движење низ границите од денес привремено веќе нема да важат на германско – австриската граница каде повторно секој патник ќе мора да покаже пасош или лична карта.

Повторно воведуваме гранична контрола. Целта е да имаме надзор во влегувањата во нашата држава. Шенгенскиот договор дозволува ваква мерка од безбедносни причини. Свесни сме за фактот дека кревањето граници и огради не го решава проблемот, но ова е нужен чекор, ни треба време за да воспоставиме ред. Германија покажа голема волја за да им помогне на бегалците, ќе продолжиме тоа да го правиме, но таа помош не смее да биде пренапната, изјави германскиот министер.

Оваа одлука драматично ќе го засили притисокот врз земјите членки на ЕУ, кои денес на состанокот на Советот на министри за внатрешни работи би требало да се договорат за солидарното преместување на 160.000 бегалци кои пристигнале до Грција, Унгарија и Италија, а чијашто прераспределба беше предложена од страна на Европската Комисија.

Мигранти спијат на под пред билетарата на железничката станица во Минхен, фото: АП

Германската канцеларка Ангела Меркел претходно изјави дека, ако не се постигне договор за солидарно згрижување на бегалците по квоти во цела ЕУ, ќе биде доведен во прашање Шенгенскиот договор за безграничната зона.

Само во саботата во Минхен, престолнината на покраината Баварија на југот на Германија, кое е првото место каде бегалците пристигнуваат, регистриран е рекорден број на 12.200 бегалци.

Локалната полиција соопшти дека градот речиси во целост ги исцрпел своите капацитети за прифаќање бегалци.

Од почетокот на годината, во Германија пристигнаа 450.000 бегалци. Германската влада очекува 800.000 нови бегалци во текот на годинава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.