Околу 10.000 бегалци чекаат на Идомени

На грчко-македонската граница, кај Идомени, од ноќеска има зголемен број мигранти и сега речиси 10.000 чекаат од Грција да влезат во Македонија, јави МИА, повикувајќи се на Танјуг.

Според податоците на УНХЦР, Лекари без граници и другите меѓународни организации, во кампот Идомени сега се наоѓаат меѓу 9.500 и 10.000 мигранти, главно од Сирија и Ирак.

За мигрантите од воените подрачја во изминатите два дена речиси беше прекинато влегувањето во Македонија кај Гевгелија заради построгите мерки на контрола и селективно пропуштање. Границата можат да ја минат само оние кои имаат целосна документација.

Во Македонија дневно може да влезат само неколку десетици лица за да го продолжат патот кон Србија и земјите од Западна Европа.

Во Идомени, како што Танјуг дознава во кампот, секој ден доаѓаат меѓу 900 и 1.000 нови мигранти и затоа има се помалку храна и други средства.

И покрај тоа, вчера немаше никакви инциденти.

На грчката страна од границата бројни се припадниците на полицијата, додека македонската граница ја обезбедуваат силни воени формации.

Автобуси ги довезуваат новите мигранти и тие веднаш застануваат во долги редови за добивање храна, медицинска помош и останатите неопходни работи, како и шатори за семејствата со мали деца.

Мигрантите велат дека за се што им е потребно треба да чекаат со часови и дека сакаат што побрзо патот да го продолжат кон земјите од Западна Европа.

Многумина од нив се замотани во ќебиња и збиени во малите шатори кои се наредени до самата граница.

Најголема турканица има кај големиот шатор на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) каде се врши контрола и повремено се пропуштаат мигранти да минат на македонска страна.