Околу 100 компании ќе ја подобрат соработката со Кина

Околу 100 нови компании од градежништвото, индустријата и трговијата стануваат членки на Асоцијацијата за трговија и деловни односи на Сојузот на стопански комори. Тие ќе ја зајакнуваат соработката со Народна Република Кина.

Според претседателката на ССК, Даниела Арсовска, придобивките за компаниите членови на „Асоцијацијата за трговија и деловни односи со Народна Република Кина“ се бројни.

– Токму, компаниите од секторите градежништво, трговија и индустрија, остваруваат најголема соработка со кинеските компании. Во соработка со Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија, ќе работиме на поедноставување на визната процедура за компаниите и бизнисмените од двете земји. Започнати се активности за соработка и веруваме дека во следниот период ќе ги интензивираме деловните односи со НР Кина, изјави Арсовска.

Вкупната трговска размена на Македонија со НР Кина во првите осум месеци од годинава изнесува 318,5 милиони американски долари, што претставува пораст од 4,5 проценти во споредба со истиот период лани. Притоа, остварен е извоз од 39 милиони долари, а увозното салдо изнесува 278,8 милиони долари. Во вкупната надворешно-трговска размена, НР Кина е седми трговски партнер на Република Македонија, според обемот на трговска размена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.