Околу 1.500 поплаки годишно за одржувањето на зградите

Околу 1.500 станари годишно се жалат кај надлежната Државна комисија во врска со одржувањето на зградите.

Како што беше речено на денешната конференција „Управувањето со колективни станбени згради, можности и предизвици“, станарите најмногу се жалат на одржувањето на комуналната инфраструктура во заедничките простории.

– Секои шест месеци подготвуваме извештај до Собранието од што може да се види дека годишно добиваме околу 1.500 поплаки што не е малку, а што воедно покажува дека граѓаните го знаат патот за решавање на проблемот, изјави претседателот на Регулаторната комисија за домување Душко Кадиевски пред почетокот на конференцијата.

Како што истакна тој, еден од позначајните проблеми во сегментот домување е дефицитот на инспектори.

– Во Скопје има инспектори, но по еден за секоја општина што не е доволно, бидејќи се потребни по минимум двајца. Проблем е и тоа што инспекторите не се специјализирани само за домување, туку најчесто имаат ингеренции за повеќе дејности, нагласи Кадиевски.

Во останатите општини низ државата ситуацијата е поразлична. Во дел од нив се уште нема надлежен инспектор.

Изминативе години, од донесувањето на Законот за домување, управителите неколкупати иницираат одредени измени и прилагодувања. Меѓу другото бараат дефинирање на надлежностите при евентуални дефекти на лифтовите, како и можност за добивање валидни податоци за адресите на станарите од МВР, УЈП, катастарот,…

– Ги поддржуваме сите иницијативи за подобрување на Законот за домување, но секогаш сме на страната на граѓаните, а не на управителите зашто тие едноставно треба да го одработат она за што се платени, рече Љубиша Јовановски од Министерството за транспорт и врски, додавајќи дека е добро аргументите да се стават на маса, да се разгледаат и најдобрите од нив да се прифатат.

Според невладината „Хабитат Македонија“ која со проблематиката на домување се занимава најмалку четири години, за дел од проблемите се одговорни и станарите.

– Согласно Законот, освен за своите станови, граѓаните треба да водат сметка и за заедничкиот простор во зградата. Не ретко наспроти нивниот убаво уреден дом, сликата во ходниците на зградите е сосема поинаква – валкани и пожолтени ѕидови, нефункционални лифтови, смет пред вратите,…, рече заменик-директорот на „Хабитат Македонија“ Лилјана Алчева.

Во Македонија засега има вкупно 33 лиценцирани управители на згради, а уште пет се во процедура за добивање лиценца.